ВЕСТИВИИМПУЛССЦЕНАТРЕНД

Новиот документарец за Маск со AI-аватар открива скандали и опасности по демократијата [ВИДЕО]

Новиот документарен филм за Илон Маск користи CGI аватар и гласовна синхронизација преку вештачка интелигенција за да симулира интервју со извршниот директор на „Тесла“ и „Спејс Икс“, користејќи изјави што тој навистина ги дал во минатото, пренесува новинската агенција Асошиетед прес (АП).

Овој потег, како што изјави режисерот Алекс Гибни пред светската премиера на филмот на Филмскиот фестивал во Венеција, е намерно ироничен. Тој истовремено алудира на теоријата на Маск дека сите живееме во симулација, но и ги истакнува неговите парадоксални и променливи ставови кон технологијата. Гибни нагласи дека целта е да се пренесе „реалноста на она што тој го направил и нереалноста на неговиот наратив“. За да го користат аватарот на Маск, авторите претходно добиле зелено светло од нивните адвокатски тимови.

Скандалот со 40 милиони долари за молчење

На оскаровецот Гибни во Венеција му се придружи Ешли Сент Клер, некогашна конзервативна инфлуенсерка која има дете со Маск и која се појавува во филмот. Таа отворено зборува за нивната врска, неговиот карактер и договорот за доверливост што одбила да го потпише во замена за финансиска поддршка за татковство.

„Ми понудија можност да не зборувам за 40 милиони долари“, откри таа пред присутните.

Сент Клер претходно оваа година ја тужеше компанијата за вештачка интелигенција на Маск, тврдејќи дека нивниот чет-бот „Grok“ им овозможил на корисниците да генерираат сексуално експлоатирачки дипфејк (deepfake) слики од неа, што ѝ предизвикало понижување и емоционален стрес.

Манипулација со алгоритмите и закана за демократијата

Филмот детално го истражува и преземањето на социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер) и манипулацијата со алгоритмите. Гибни признава дека на почетокот не разбирал целосно како Маск ги прилагодил алгоритмите за да ги фаворизира омразата и токсичноста на штета на нормалната јавна дебата. Новинарката од „Wired“, Зои Шифер, која исто така се појавува во филмот, додава дека алгоритмот бил променет со цел да се потисне мејнстрим новинарството, а да се засилат запалливите коментари на платформата.

Со речиси четири часа времетраење, документарецот насловен „Маск“ навлегува и во неговото трауматично детство преку интервју со неговиот татко Ерол Маск. Филмот ги следи неговите почетоци во Силиконската долина, ангажманот во втората администрација на Доналд Трамп преку одделот ДОГЕ (DOGE), како и неговата вмешаност во десничарската политика на меѓународно ниво.

Гибни предупреди дека смета оти Маск е „екстремно“ опасен за демократијата. Филмот, кој ќе започне да се прикажува во кината во октомври, крева тревога и за информациите што тимот на ДОГЕ ги собрал за американските граѓани поради нивниот неограничен пристап до бројни владини агенции.

Поврзани вести

Back to top button