ВЕСТИСВЕТ

Трамп воведе санкции против МКС, Европа застана во одбрана на судот

Вашингтон ги засилува мерките против институцијата што издаде налог за апсење на Нетанјаху, додека ЕУ, Канада, Јапонија и повеќе европски држави ја потврдија поддршката за независноста на Судот

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп воведе опсежни санкции против Меѓународниот кривичен суд (МКС), во потег што дополнително ги заострува односите меѓу Вашингтон и европските сојузници и отвора нов фронт во спорот околу меѓународната кривична правда.

Санкциите ги објави американскиот државен секретар Марко Рубио, наведувајќи дека САД ќе ги забранат трансакциите со Судот со цел да ги ограничат неговите финансиски и оперативни можности. Мерките се насочени кон институцијата како целина, а не само кон поединечни судии и обвинители, кои претходно исто така беа санкционирани од Вашингтон.

„Или МКС ќе ги прекине своите закани, или ние ќе го прекинеме МКС“, порача Рубио, обвинувајќи го Судот дека ги надминува своите овластувања и ги загрозува американските интереси.

Вашингтон особено се противи на истрагите за наводни злосторства извршени од американски припадници во Авганистан, како и на постапките против израелски претставници. МКС во ноември 2024 година издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант поради наводни воени злосторства и злосторства против човештвото поврзани со војната во Газа.

Европа, Канада и Јапонија ја потврдија поддршката

Министрите за надворешни работи на Данска, Германија, Франција, Италија, Холандија, Обединетото Кралство, Канада и Јапонија објавија заедничка изјава во која ја потврдија својата „непоколеблива поддршка“ за независноста, непристрасноста и интегритетот на МКС.

Тие изразија несогласување со американските санкции и предупредија дека, доколку бидат спроведени во целост, мерките значително ќе влијаат врз работата на Судот, неговите вработени и нивните семејства.

Осумте држави порачаа дека ќе продолжат да соработуваат за да му овозможат на Судот да ја исполнува својата надлежност и да се зачува меѓународниот систем заснован врз правила.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас порача дека заштитата на МКС останува приоритет за Унијата. Таа претходно предупреди дека Судот е под притисок и дека ЕУ располага со инструменти за да го поддржи неговото функционирање.

Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта изрази жалење поради американската одлука, нагласувајќи дека меѓународната правда мора да се брани и дека нема траен мир без одговорност.

Европската комисија соопшти дека ЕУ ќе работи со Судот за да се обезбеди неговото непречено функционирање. Една од опциите е активирање на европскиот механизам за блокирање, со кој би се ограничиле последиците од американските санкции врз европските компании.

Нетанјаху му се заблагодари на Трамп

Спротивно на реакциите од европските престолнини, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја поздрави одлуката на Вашингтон и им се заблагодари на Трамп и Рубио за воведените санкции.

Од кабинетот на Нетанјаху порачаа дека МКС не е вистински суд, туку политичко тело кое, според нив, претставува закана за националниот суверенитет. Израел ги отфрла обвиненијата и надлежноста на Судот во случајот.

Од друга страна, МКС ги осуди санкциите, оценувајќи дека тие претставуваат обид да се попречи правдата и напад врз владеењето на правото и темелите на меѓународниот правен поредок.

Претседателката на Судот, Томоко Акане, порача дека институцијата ќе продолжи да ја исполнува својата надлежност независно и непристрасно.

МКС е основан во 2002 година врз основа на Римскиот статут и има 125 држави членки. САД не се меѓу нив, но Судот тврди дека може да постапува за злосторства извршени на територијата на држави што ја прифатиле неговата надлежност.

Ј. Ѓ.

Поврзани вести

Back to top button