Јеменските Хути упатија официјално предупредување до сите меѓународни авиокомпании и патници да не ги користат аеродромите и воздушниот простор на Саудиска Арабија, откако најмалку 12 лица загинаа, а над 300 беа повредени во саботниот напад врз меѓународниот аеродром „Крал Калид“ во Ријад, јави британскиот сервис Би-Би-Си.
Воениот портпарол на проиранското движење, Јахја Сари, соопшти дека саудиските аеродроми претставуваат потенцијални мети за нивните сили и апелираше предупредувањето да се сфати сериозно. Сари прецизираше дека единствен исклучок од оваа закана се градовите Мека и Медина, додавајќи дека Саудиска Арабија ја сноси целата одговорност за неуспешните обиди за пресретнување на нивните проектили и дронови. Иако Хутите во неделното соопштение директно не ја презедоа одговорноста за саботниот смртоносен напад, тие претходно потврдија дека стојат зад одделните удари врз истиот аеродром извршени во четвртокот.
Според официјалните податоци на саудиската управа за цивилно воздухопловство, меѓу 12-те загинати има четворица државјани на Саудиска Арабија, двајца од Бангладеш и по еден државјанин на САД, Јордан, Палестина, Сирија, Судан и Египет. Од управата информираа дека вкупно 309 лица се повредени во нападот, при што дел од нив се наоѓаат во критична состојба, додека воената коалиција предводена од Саудиска Арабија ударот врз цивилниот аеродром го оквалификува како воено злосторство и најави воен одговор.
Нападот предизвика остри меѓународни реакции и најави за можна воена ескалација. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави за медиумите дека САД разгледуваат можност да ѝ се приклучат на Саудиска Арабија во изведувањето напади врз Хутите во Јемен, откако претходно државниот секретар Марко Рубио ја потврди смртта на американскиот државјанин. Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, порача дека е длабоко шокиран и го осуди нападот како кршење на меѓународното право, додека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, оцени дека ударот означува опасна регионална ескалација.

