АРТВЕСТИ

Националниот џез оркестар со јубилеен концерт за 40-годишната кариера на Сашко Николовски

На 28 октомври во НОБ ќе се одржи концерт на Националниот џез оркестар посветен на четиридецениското творештво на тромбонистот и композитор Сашко Николовски.

На 28 октомври во Националната опера и балет (НОБ), Националниот џез оркестар ќе одржи јубилеен концерт по повод 40-годишната уметничка кариера на истакнатиот тромбонист, аранжер и композитор Сашко Николовски, информираат од установата.

Според најавата, под диригентската палка на Џијан Емин, публиката ќе има можност да слушне избор од авторските композиции и аранжмани на Николовски, како и дела од други македонски автори, меѓу кои Трајче Велков, Зоран Костадиновски, Гордан Спасовски и Иван Петровски. На концертот како специјални гости ќе настапат Сашо Гигов – Гиш, Дарко Мучев – Мучо, Стефче Стојковски и Теодор Стојковски – Катин.

Од Националниот џез оркестар посочуваат дека Николовски има професионален ангажман во оркестарот на НОБ од 1986 година, а низ децениите бил дел од бројни состави, вклучувајќи ги Квартетот тромбони, оркестарот на МРТВ, бендот на Тоше Проески и „Гоце Стевковски Септет“. Како круна на неговото долгогодишно творештво се издвојува авторскиот албум „Not for Sale“, кој обединува осум композиции инспирирани од класичниот и модерниот џез.

Концертот започнува во 20:00 часот, а билетите се достапни преку продажната мрежа на „МКТикетс“. Од организацијата додаваат дека за студентите и пензионерите е обезбеден попуст од 50 отсто при купување билети на билетарницата на НОБ еден час пред почетокот на настанот, со приложување соодветен документ.

Back to top button