ВЕСТИСВЕТ

Виткоф на средба со Путин во Санкт Петербург: САД иницираат трилатерален самит меѓу Зеленски, Путин и Трамп

Американскиот пратеник Стив Виткоф пристигна во Санкт Петербург на средба со Владимир Путин, со цел да отвори пат за трилатерален самит Зеленски – Путин – Трамп.

Специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф, пристигна денеска во Санкт Петербург на разговори со рускиот претседател Владимир Путин, што претставува најнов обид на Вашингтон да ги седне Москва и Киев на преговарачка маса.

Виткоф на аеродромот надвор од Санкт Петербург беше пречекан од специјалниот руски претседателски пратеник Кирил Дмитриев, по што се упати во Константиновскиот дворец. Советникот за надворешна политика на рускиот претседател, Јуриј Ушаков, потврди дека состанокот започнал околу 9 часот по локално време.

„Не знам дали денеска ќе биде постигнат некаков договор, но преговорите во врска со украинскиот конфликт, природно, се главниот фокус на денешната средба“, изјави Ушаков.

Дипломатската мисија на Виткоф во Русија доаѓа само еден ден по неговите разговори во Осло со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Според најавите, американскиот дипломат има задача да предложи одржување трилатерален самит на кој би учествувале Путин, Зеленски и претседателот на САД, Доналд Трамп.

Норвешкиот премиер Јонас Гар Стере средбата меѓу Виткоф и Зеленски ја оцени како „добра и продуктивна“, истакнувајќи дека денешната посета на Русија може да го отвори патот за состанок на лидерско ниво.

Украинскиот претседател по разговорите во Норвешка преку платформата Икс (X) ја нагласи потребата од директен дијалог со рускиот колега.

„Една од клучните идеи е да се придвижиме кон потенцијален трилатерален самит на лидерите, со цел да се решат прашањата што само лидерите можат да ги решат“, напиша Зеленски.

Двајцата претседатели немаат остварено директна средба од почетокот на целосната руска инвазија врз Украина во февруари 2022 година, откако Москва во повеќе наврати ги одбиваше ваквите иницијативи од Киев.

И покрај дипломатскиот ангажман, воените дејствија на теренот не стивнуваат. Руските сили ноќеска извршија нови воздушни напади врз Киев и Харков, при што загинаа најмалку три лица, соопштија локалните украински власти.

Поврзани вести

Back to top button