
Новата влада на унгарскиот премиер Петер Маѓар направи еден од најострите досегашни чекори во дистанцирањето од политиката на неговиот претходник Виктор Орбан кон Москва, протерувајќи десет членови на руската дипломатска мисија од земјата. Ројтерс оценува дека одлуката е јасен сигнал дека проруската ера на поранешниот премиер Орбан е завршена.
Унгарската министерка за надворешни работи Анита Орбан соопшти дека властите утврдиле оти десет членови на руската мисија вршеле активности кои се „неприфатливи за дипломати според Виенската конвенција“, поради што од нив било побарано да ја напуштат Унгарија. Владата не објави конкретни детали за активностите ниту официјално ги обвини дипломатите за шпионажа.
Сепак, случајот доаѓа во период на зголемено внимание кон руските разузнавачки активности во земјата. Еуроњуз наведува дека според медиумски и разузнавачки извештаи, Унгарија во изминатите години станала значаен центар за активностите на руските разузнавачки служби. Поранешниот унгарски дипломат Иштван Сентивањи за медиумот оцени дека протерувањето е директно поврзано со шпионажа и претставува јасна промена на политиката на Будимпешта.
Одлуката претставува остар пресврт во однос на политиката на Виктор Орбан, кој во текот на своите 16 години на власт одржуваше блиски односи со рускиот претседател Владимир Путин, вклучително и по руската целосна инвазија врз Украина во 2022 година. Унгарија продолжи да купува руска нафта и гас, во повеќе наврати ги забавуваше или блокираше европските санкции кон Москва и се спротивставуваше на дел од финансиската помош за Украина.
По доаѓањето на власт на Маѓар во мај, неговата централнодесничарска влада повеќепати нагласи дека главните стратешки сојузи на Унгарија се Европската Унија и НАТО и дека сака повторно да ја изгради довербата со европските партнери нарушена во времето на Орбан. Анита Орбан уште во мај изјави дека Русија ќе остане партнер, но дека односите не можат да почиваат на „еднострана зависност“.
Реакцијата од Москва беше остра. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова најави дека одговорот ќе биде „остар и болен“, додека рускиот амбасадор во Будимпешта Евгениј Станиславов протерувањето го нарече „екстремно непријателски чекор“ и „невидена и неоправдана ескалација“.
Дополнителна тежина на заканите им даде Владимир Џабаров, прв заменик-претседател на Комитетот за надворешни работи на рускиот Совет на Федерацијата. Тој изјави дека потегот на Будимпешта може да има „непријатни последици“, меѓу кои и намалување или дури целосно запирање на испораките на руски природен гас преку гасоводот „Турски тек“. Сепак, ова во моментов е предупредување од руски парламентарец, а не официјално најавена мерка на руската влада или „Газпром“.
Потегот е особено значаен бидејќи, по почетокот на руската инвазија врз Украина голем број европски земји протераа десетици руски дипломати, додека Унгарија под Орбан не протера ниту еден. Последното јавно познато протерување од Будимпешта пред ова било во 2018 година.










