ЕУ најавува дополнителни 40 милиони евра за воените капацитети на Македонија
Преку Европскиот мировен инструмент издвоивме речиси 65 милиони евра за Северна Македонија. Се надеваме дека наскоро ќе успееме да обезбедиме дополнителни 40 милиони евра за зајакнување на воените капацитети на земјата, истакна Рокас

Европската Унија се надева дека наскоро ќе обезбеди дополнителни 40 милиони евра за зајакнување на воените капацитети на Северна Македонија, најави евроамбасадорот Михалис Рокас. Досега преку Европскиот мировен инструмент за земјава се издвоени речиси 65 милиони евра.
Рокас ја соопшти најавата на панел-дискусијата „Стратешка поврзаност за стабилност: ЕУ и Северна Македонија во новата геополитичка реалност“, организирана од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје и Фондацијата „Конрад Аденауер“.
„Преку Европскиот мировен инструмент издвоивме речиси 65 милиони евра за Северна Македонија. Се надеваме дека наскоро ќе успееме да обезбедиме дополнителни 40 милиони евра за зајакнување на воените капацитети на земјата и, како членка на НАТО, за унапредување на нашата безбедност“, изјави Рокас.
Тој посочи дека поддршката од ЕУ не се однесува само на одбраната и безбедноста, туку и на патната, железничката, енергетската и дигиталната поврзаност. Според него, економската стабилност, инфраструктурната поврзаност и безбедноста се меѓусебно поврзани, поради што е потребен сеопфатен пристап кон актуелните предизвици.
Над 3,7 милијарди евра преку различни финансиски инструменти
Осврнувајќи се на инфраструктурната поддршка, Рокас потсети дека Европската Унија ја поддржува поврзаноста на земјава од 2007 година.
Според податоците што ги изнесе, преку Инструментот за претпристапна помош биле издвоени 1,2 милијарди евра, преку Инвестициската рамка за Западен Балкан дополнителни 1,8 милијарди евра, а преку Планот за раст на ЕУ 750 милиони евра. Планот за раст во земјава се спроведува преку Реформската агенда.
Поддршката опфаќа патна и железничка инфраструктура, енергетско и дигитално поврзување, како и техничка помош за реализација на проектите.
Евроамбасадорот ја истакна и посветеноста на ЕУ на членството на Северна Македонија во Унијата, посочувајќи дека поврзаноста на регионот е важна и за европската економија. Како пример ги наведе Коридорот 8 и Коридорот 10, кои се значајни транспортни правци за земјава и регионот.
Рокас се осврна и на последиците од војните и конфликтите врз трговијата, транспортните рути и цените, наведувајќи ги руската агресија врз Украина и конфликтите на Блискиот Исток и во Африка.
Дополнителните 40 милиони евра се најавени како очекувана нова поддршка за воените капацитети на земјава, но во изјавата на Рокас не беше посочен конкретен рок за обезбедување на средствата.










