Мнозинството Европејци поддржуваат заедничка одбрана и формирање на армија на ЕУ
Повеќе од две третини од Европејците бараат формирање на заеднички вооружени сили на Европската Унија и паралелно надградување на воените капацитети, потврдува најновиот извештај за безбедносните трендови на континентот.
Дури 71 отсто од граѓаните на Европа ја поддржуваат идејата за формирање на заедничка армија на Европската Унија, покажуваат резултатите од новиот извештај „GLOBSEC Trends 2026“, кој денеска го објави истоимениот истражувачки институт за безбедност. Според истражувањето кое го пренесуваат медиумите, поддршката за европска војска е забележана во сите опфатени земји-членки, при што најголем процент е регистриран во Романија со 82 отсто, по што следуваат Литванија со 78 и Франција со 75 проценти. Идејата е прифатена дури и во земјите кои традиционално се порезервирани кон воената интеграција, како што се Полска и Бугарија каде поддршката изнесува 70 отсто, односно Германија со 69 отсто.
Покрај консензусот за самостојни воени сили на Унијата, граѓаните остануваат силно приврзани кон постоечките трансатлантски структури. Истражувањето открива дека 78 проценти од испитаниците во земјите-членки на ЕУ сметаат дека треба да се зајакнат сопствените одбранбени капацитети, но тоа да се одвива паралелно и во координација со постоечкиот воен сојуз. Ова го потврдува и податокот дека 77 отсто од испитаниците во членките на Алијансата изјавиле дека би гласале за останување во НАТО.
Аналитичарите на GLOBSEC посочуваат дека ваквите резултати доаѓаат во време кога европските влади интензивно дебатираат за јакнење на воените капацитети, поттикнати од континуираната руска агресија врз Украина и растечката загриженост околу доверливоста на Соединетите Американски Држави како безбедносен партнер. Истражувањето, кое опфатило 14 држави од двете страни на Атлантикот, покажува и значителна поддршка за враќање на обврзувачкиот воен рок, при што 64 отсто од граѓаните во земјите каде што тоа моментално не е задолжително, поддржуваат негово повторно воведување.










