Американскиот претседател Доналд Трамп бесен откако не ја доби Нобеловата награда за мир за 2026 година, напаѓајќи го Нобеловиот комитет и победничката Наванетем „Нави“ Пилај, јужноафриканска правничка и поранешна висока комесарка на ОН за човекови права.
Како што објави „Гардијан“, Трамп во објава на својата социјална мрежа „Трут соушл“ ја оспори одлуката на комитетот и порача дека наградата е „засекогаш дискредитирана“.
„Нема да ѝ заборавиме на Норвешка што не ни ја додели оваа награда“, напиша Трамп, обвинувајќи ги членовите на комитетот дека се водат од политички мотиви.
На митинг во Сиракуза, во сојузната држава Њујорк, Трамп тврдеше дека тој и САД ја заслужиле наградата поради конфликтите за кои вели дека ги решил. Тој повтори дека посредувал во завршувањето на осум војни и порача дека наскоро ќе ги реши или ќе извојува победа и во конфликтите во Иран и Украина.
Трамп ја омаловажи и добитничката на наградата, велејќи дека никогаш не слушнал за неа и дека таа е „либерална личност која работи во Обединетите нации“.
Нобеловата награда за мир за 2026 година ѝ беше доделена на Пилај за нејзините напори за унапредување на мирот и меѓународното право. Таа има долгогодишна кариера во меѓународното правосудство и во областа на човековите права.
Зошто Нави Пилај ја доби Нобеловата награда за мир: Жената што докажа дека зборовите убиваат
„Гардијан“ потсетува дека Трамп и претходно јавно ја изразуваше желбата да ја добие престижната награда. Овогодишната одлука повторно предизвика негова остра реакција, насочена и кон Норвешка, иако Нобеловата награда за мир ја доделува независен комитет, а не норвешката влада.








