ВЕСТИВИ

Гугл откри прв хакерски напад во кој вештачката интелигенција самостојно пронаоѓала и искористувала безбедносни пропусти

Гугл откри хакерски напад со вештачка интелигенција која самостојно пронаоѓала безбедносни пропусти и ги искористувала без човечка интервенција.

Хакери за првпат употребиле целосно автоматизиран систем со вештачка интелигенција кој самостојно откривал ранливости во софтвер, развивал алатки за нивно искористување и извршувал напади без човечка интервенција. Ова го открива новиот извештај на Google Threat Intelligence Group (GTIG), објавен на 16 ноември.

Станува збор за значаен чекор во еволуцијата на кибернападите, бидејќи вештачката интелигенција веќе не се користи само како помошна алатка за хакерите, туку може самостојно да извршува повеќе фази од нападот.

Според извештајот, истражувачите на Google откриле изложен сервер на кој се наоѓал систем наречен „exploit_agent“. Тој бил поврзан со повеќе напредни и локално инсталирани јазични модели на вештачка интелигенција, кои работеле заедно во рамките на повеќеагентна архитектура.

Системот бил програмиран постојано да ги анализира промените во кодот на популарни веб-апликации пред и по објавувањето безбедносни надградби. Со споредување на верзиите, вештачката интелигенција можела да ги идентификува потенцијалните безбедносни пропусти, да развива експлоити – код или алатки за нивно искористување – и автоматски да ги тестира и употребува.

Особено значајно е што целиот процес се одвивал без човечка интервенција во фазите на откривање и искористување на ранливостите.

Серверот содржел и украдени податоци од жртвите

Истражувачите откриле дека серверот не бил само платформа за развој и тестирање на напади. На него се наоѓале и податоци украдени од организации, како и скрипти за понатамошни злонамерни активности.

Меѓу нив биле алатки за извидување на внатрешните мрежи на нападнатите организации, обиди за пробивање лозинки, инсталирање малициозни веб-апликации и отстранување на алатки што претходно ги оставиле други напаѓачи.

Анализата на податоците од нападите упатува на тоа дека операторот на системот, за кој постојат индиции дека зборува руски, бил особено заинтересиран за француски интернет-страници поврзани со медиумите, забавната индустрија и образованието. Google не објави потврден идентитет на напаѓачот

Кибернападите влегуваат во нова фаза

Во извештајот Google предупредува дека употребата на вештачка интелигенција во кибернападите брзо се развива. Покрај откриениот „exploit_agent“, истражувачите забележале и употреба на повеќе автоматизирани рамки за офанзивна кибербезбедност, меѓу кои ARTEX, CAIRN, CyberStrikeAI и PentAGI.

Овие системи овозможуваат повеќе специјализирани AI-агенти да соработуваат во различни фази од нападот – од извидување и пронаоѓање ранливости до развој на злонамерен код и извршување операции.

Google предупредува дека ваквите алатки можат значително да го скратат времето што им е на располагање на организациите за да ги заштитат своите системи по откривањето на безбедносен пропуст.

Компанијата забележува дека целосно автоматизираните напади засега оставаат препознатливи дигитални траги, што може да им помогне на безбедносните тимови да ги откријат. Но, со понатамошното усовршување на моделите, се очекува да се намалува потребата од човечко учество, а нападите да стануваат пософистицирани и потешки за откривање.

Извештајот доаѓа во период кога вештачката интелигенција сè почесто се користи и од криминални групи и од актери поврзани со државни структури за извидување, шпионажа, кражба на податоци и други операции.

Поврзани вести

Back to top button