
Во медиумите и на социјалните мрежи повторно се актуелизираше темата за присуството на таканаречената риба зајак (Lagocephalus sceleratus) во грчките мориња. Спектакуларните наслови кои тврдат дека оваа риба „ги напаѓа капачите“ и „откинува прсти“ предизвикаа загриженост кај голем број туристи, но специјализираниот портал „Грчка Инфо“ пренесува смирувачки ставови од грчките експерти дека нема никаков простор за паника и дека реалниот ризик за капачите е исклучително мал.

Овие инвазивна видови риба зајак потекнува од Индо-Пацификот, а во Средоземното Море пристигна преку Суецкиот Канал. Во Грција за првпат е регистрирана во 2005 година близу Крит и Додеканезите, а оттогаш се прошири речиси низ сите грчки мориња. Рибата лесно се препознава по издолженото сребренесто тело со темни дамки на грбот, големите очи и карактеристичниот клун со четири силни споени заби кои потсетуваат на зајачки секачи. Кога ќе се почувствува загрозено, таа има способност да се надува како балон.
Најголемата заблуда: Нејзиниот угриз НЕ е отровен
Грчките стручњаци нагласуваат дека најголемата дезинформација поврзана со оваа риба зајак е дека нејзиниот угриз е отровен. Тоа не е точно. Иако рибата е исклучително токсична, таа е опасна само и исклучително ако се конзумира како храна. Нејзините ткива содржат тетродотоксин (TTX), моќен природен невротоксин кој предизвикува парализа и смрт доколку се изеде, поради што нејзината продажба е строго забранета во Европската Унија.
Доколку дојде до угриз, нема труење со токсини. Опасноста доаѓа единствено од нејзините силни вилици кои без проблем кршат школки, па можат да предизвикаат длабока рана, обилно крварење и ризик од инфекција. Капачите треба да бидат спокојни бидејќи оваа риба речиси никогаш не се појавува во плитките води каде што се капат луѓето и не ги напаѓа пливачите самоиницијативно. Речиси сите забележани инциденти се случиле кога луѓе или рибари се обиделе намерно да ја фатат, да ја допрат или да ја извадат од јадица. Главниот проблем всушност го имаат рибарите, бидејќи рибата зајак со своите заби лесно ги сече рибарските мрежи и најлони, правејќи големи материјални штети. Поради тоа, во Грција веќе се организираат и национални натпревари во лов на оваа риба за да се намали нејзината популација која нема природни непријатели во Медитеранот.
Три едноставни правила за туристите
Црвениот крст на Грција веќе издаде јасни упатства за прва помош во случај на угриз. Раната веднаш треба добро да се испере со чиста вода и сапун, силно да се притисне со чиста газа за да се запре крварењето и задолжително да се побара лекарска помош поради потреба од антитетанус вакцина или шиење. Во итни случаи, на располагање се европските броеви за помош 112 или 166.
За безгрижно летување, туристите треба да се придржуваат до три едноставни правила: прво, ако забележите риба зајак во морето или на брегот, не ја допирајте и не се обидувајте да ја фатите; второ, никогаш и под никакви околности немојте да ја подготвувате за јадење; и трето, ако ја видите додека пливате, едноставно оддалечете се мирно и продолжете со капењето.







