ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Шеста жртва од западнонилска треска, почина 72-годишен скопјанец

Уште еден пациент починал од западнонилска треска, со што бројот на смртни случаи се искачи на шест, потврди денеска директорот на Клиниката за инфективни болести, Фадил Цана.

Станува збор за 72-годишен пациент од Скопје, кој имал повеќе сериозни придружни заболувања.

Пациентот бил примен на Клиниката пред 15 дена, во изразито тешка општа состојба и со тешка клиничка слика. И покрај интензивното лекување и сите преземени мерки во Одделот за интензивна нега, вчера попладне настапила смрт.

„За жал, морам да известам дека вчера во попладневните часови почина уште еден пациент“, изјави Цана.

Според податоците што ги соопшти директорот, до денеска на Клиниката за инфективни болести биле или сè уште се хоспитализирани вкупно 51 пациент со сомнение или потврдена инфекција со вирусот Западен Нил.

Од нив, 27 пациенти досега се излекувани и се испишани од Клиниката.

Во моментов се хоспитализирани 18 пациенти. Кај 15 од нив лабораториски е потврдена западнонилска инфекција во невроинвазивна форма, додека тројца пациенти се клинички суспектни за невроинвазивна форма на инфекцијата.

Најмладиот пациент кој моментално се лекува на Клиниката има 26 години и, според Цана, е во добра здравствена состојба.

Во Одделот за интензивна нега и натаму се лекуваат пет пациенти со тешка клиничка слика. Сите се во повозрасна, односно напредната возраст.

Со последниот смртен случај, бројот на починати од западнонилска треска достигна шест.

Поврзани вести

Back to top button