ВЕСТИИМПУЛСПОЛИТИКА

ВМРО-ДПМНЕ прашува чија е зградата во Влае и го обвинува Пендаровски, екс-претседателот категорично демантира

ВМРО-ДПМНЕ обвинува за изградба на станбен објект во Влае, поврзувајќи го со поранешниот претседател Стево Пендаровски и Еролд Муслиу. Пендаровски демантира и бара да се истражи бодигардот на Мицкоски.

Нова политичка пресметка ја разбранува јавноста откако ВМРО-ДПМНЕ преку прес-конференција и писмено соопштение отвори сомнежи за изградба на станбен објект во скопската населба Влае, поврзувајќи го со поранешниот претседател Стево Пендаровски и неговиот поранешен соработник Еролд Муслиу.

Портпаролот на владејачката партија, Валентин Манасиевски, од лице место пред градилиштето изјави дека како инвеститор на објектот се посочува Афродита Муслиу, сопруга на поранешниот директор на Агенцијата за разузнавање.

„Тука се поставува прашањето на кое јавноста заслужува одговори, а тоа е како со административна плата се стигнува до инвеститор на станбена зграда? Од каде се парите за оваа инвестиција? Дали семејните приходи на Муслиу можат да ја оправдаат вредноста на ваков градежен проект?“, запраша Манасиевски. Потсетувајќи дека токму Пендаровски го назначи Муслиу на функцијата во 2019 година, портпаролот директно праша: „Дали е точно дека Стево Пендаровски и Еролд Муслиу, покрај политичката и институционална соработка која ја имаат, имаат и заеднички деловни интереси? Дали Пендаровски има каква било финансиска или деловна поврзаност со оваа инвестиција во Влае?“.

Експретседателот Стево Пендаровски експресно возврати, оценувајќи го пресот како „потврда за политичката дезориентираност на таа партија која дневно фабрикува афери со темпо кое не е видено од независноста до денес“. Тој категорично ги отфрли обвинувањата.

„Под целосна морална, материјална и кривична одговорност тврдам дека ниту некогаш сум имал, ниту денес имам било каква деловна поврзаност со било кое лице кое согласно моите уставни и законски надлежности сум го именувал во рамките на мојот претседателски мандат“, порача Пендаровски, додавајќи дека тоа институциите лесно можат да го проверат.

Пендаровски упати и директен контраудар до ВМРО-ДПМНЕ, барајќи од партијата да ги примени истите аршини во сопствените редови.
„Следејќи ја истата ‘логика’, очекувам партијата уште денес да одржи прес-конференција пред Белата палата и да го праша својот лидер дали евентуално бил бизнис-партнер со својот бодигард кој беше уапсен под сомнение дека за 50.000 евра наводно оддавал службени тајни“, изјави тој.

По реакцијата на Пендаровски, ВМРО-ДПМНЕ испрати ново соопштение во кое побара институционална разврска. Тие ги повикаа Јавното обвинителство и Државната комисија за спречување на корупцијата да не останат неми набљудувачи и да извршат проверка на документацијата и законитоста на инвестицијата.
„Граѓаните имаат право да знаат дали луѓето кои извршувале високи јавни функции можат да го оправдаат своето богатство со законски стекнати приходи. Нема недопирливи. Нема привилегирани. Законите мора да важат подеднакво за сите“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ, инсистирајќи да се испита можен судир на интереси од времето кога Муслиу ја извршувал јавната функција.

Поврзани вести

Back to top button