
Раководството на ДУИ го мрази мнозинството Албанци кои ги испрати во опозиција, а нивната деструктивност и нагон за самоуништување заземаат загрижувачки размери со блокирањето на Законот за правична застапеност, соопштија денеска од коалицијата ВЛЕН.
Како што информираат од ВЛЕН, актуелното раководство на ДУИ директно работи против еден од темелните принципи на Охридскиот договор и боледува од политичко слепило, не сфаќајќи ја сопствената одговорност по 22 години владеење во владите на СДСМ и ВМРО.
„Албанците повеќе не сакаат да бидат претставувани од луѓе кои злоупотребувале ЕУ фондови“
Од коалицијата ВЛЕН посочуваат дека Албанците повеќе нема да се идентификуваат со нереформираното ДУИ, кое го означуваат како најлош претставник на албанскиот глас.
„Албанците повеќе не сакаат да бидат претставувани од луѓе кои злоупотребувале и проневериле ЕУ фондови и не им обезбедиле на граѓаните чиста вода за пиење. За да се спасат од кривична одговорност за нивното коруптивно поведение во последните влади на СДСМ, малата група околу Ахмети се нуди политички да одработи ВМРО да освои повеќе од 60 пратеници на следните парламентарни избори. Обидот да се создава лажна слика дека правата на Албанците се загрозени само затоа што ДУИ не е коалиционен партнер е свесно и со умисла одработување за политичките интереси на македонската десница и предавство на албанската кауза“, соопштуваат од ВЛЕН.
