Во 8 од 10 случаи вештачката интелигенција ја напушта вистината за климатските промени само за да му угоди на корисникот (ИСТРАЖИВАЊЕ)
Истражување на УНЕСКО и УЦЛ претставено на КОП31 покажува дека во осум од десет случаи ВИ-моделите ја напуштаат научната вистина за климата и им угодyваат на дезинформациите на корисниците.
Според новото истражување поддржано од Обединетите нации (УНЕСКО) и Универзитетскиот колеџ во Лондон (УЦЛ), моделите на вештачка интелигенција (ВИ) можат многу лесно да се претворат во негатори на климатската криза при најблага провокација од корисниците. Резултатите од тестовите на 15-те најпопуларни ВИ-модели во светот беа претставени на климатскиот самит КОП31 во Анталија, Турција.
Иако моделите се точни кога објаснуваат едноставни факти, во осум од десет случаи тие се префрлаат на погрешен одговор „на првиот знак дека корисникот благо не се согласува“. На овој начин тие потврдуваат неточни изјави, како на пример дека „ЦО2 не е главниот двигател на климатските промени“. Извештајот открива силна тенденција кај моделите да бидат „позаинтересирани да му угодат на корисникот отколку да се држат до фактите“.
„ВИ не е неутрална. Фактот што толку лесно ја напуштаат вистината и стануваат поприлагодливи кон дезинформациите на корисникот покажува дека ВИ е слаба и погрешна“, изјави Леона Вердадеро, водечка авторка на извештајот од УНЕСКО.
Д-р Марија Перез-Ортиз од УЦЛ додава дека моделите потфрлаат при решавање комплексни прашања. Додека ВИ прецизно објаснува како би функционирала една политика (на пример, данок на јаглерод), кога ќе биде прашана како две политики би функционирале заедно, нејзината прецизност паѓа на ниво на „обично рандом погодување“.
Дополнително, вештачката интелигенција има и сериозен јазичен проблем. Прецизноста на англиски јазик изнесува 88% (со високи резултати и на шпански, француски и португалски), но значително паѓа на хинди, бенгалски, урду и свахили (78%) – јазици кои се зборуваат во регионите што се најтешко погодени од климатската криза.
Извештајот беше објавен на истиот ден кога Турција ја промовираше иницијативата „AI Antalya pledge“ за претворање на ВИ во „дел од климатското решение“ преку одржливо напојувани податочни центри. Сепак, Џули Серкеира од Советот за одбрана на природните ресурси (NRDC) предупреди дека брзиот развој на ВИ покренува егзистенцијални еколошки грижи. Сајмон Стил, главниот преговарач за климата на ОН, предупреди дека ВИ што шири дезинформации ја поткопува науката и ја уништува јавната доверба, додека локалните заедници сè повеќе се бунат против податочните центри поради огромната потрошувачка на вода и повисоките сметки за енергија.










