
Митрополитот Повардарски Агатангел во интервју за телевизија Алфа изрази отворена поддршка за премиерот Христијан Мицкоски и актуелната влада, прогнозирајќи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе остане на власт колку што владееше Јосип Броз Тито.
„Македонија сега е во сигурни раце. Имам целосна доверба во актуелната влада, која на секое поле работи за консолидација на државата, штитејќи ги националните интереси“, изјави Агатангел во емисијата „За македонските работи“ со Љупчо Цветановски.
Говорејќи за политичката иднина на ВМРО-ДПМНЕ, митрополитот направи споредба со долгогодишното владеење на Јосип Броз Тито.
„Јас им реков: колку владееше претседателот на Југославија, толку ќе владее и ВМРО сега. Немате шанси повеќе да дојдете на власт. И дај боже да остане така“, изјави Агатангел.
Митрополитот нагласи дека има доверба не само во премиерот Мицкоски, туку и во целиот државен врв. Поименично ги наброја министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и вицепремиерот Александар Николоски.
Ова е преседан, за прв пат претставник на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија јавно да прогнозира децениско владеење на една партија и да ѝ порача на опозицијата дека нема шанси да се врати на власт.
Во продолжение, Агатангел не запре да се додворува на ВМРО-ДПМНЕ и упати остри критики кон професорот Љубомир Фрчкоски и кон дел од новинарите, обвинувајќи ги дека ја понижуваат Македонија и ја напаѓаат МПЦ-ОА.
„Постојано не понижуваат и притоа самите себе се понижуваат, јас мислам дека тие луѓе немаат сон, не се спокојни, совеста постојано им е нечиста и ги молам да престанат, да престанат да го тероризираат народот“, рече владиката.
За Фрчкоски рече дека е жалосно што критиките доаѓаат од човек „за кој не знам и дали влегол во црква, дали знае да се прекрсти, човек кој нудеше пари за да се промени името, човек кој цел живот манипулира со македонскиот народ“.
„Со разумот не можеш да сакаш. Се сака само со срцето. Прво го сакаме Христа со срцето, па потоа размислуваме со разумот. Да ја љубиш Македонија, не можеш со разум да ја љубиш, мора со срце да ја љубиш“, посочи митрополитот.
За новинарите кои водителот ги нарече „новинарска ергела“ рече дека постојано атакуваат врз МПЦ-ОА и шират лаги за тобожно неединство во неа, и тоа го прават од финансиски интерес:
„Го прават тоа затоа што имаат некој финансиски интерес, зошто поинаку некој би го правел тоа, да се понижува себеси, таткото, мајката, бабата, дедото и предците негови и да бара нешто што не е возможно.“
Митрополитот порача дека сето тоа е залудно бидејќи Македонија е „библиска земја и боголик народ од кој започнала христијанизацијата на Европа“.
По интервјуто, порталот Религија.мк побара од Агатангел јавно да ги соопшти имињата на новинарите за кои тврди дека ја напаѓаат црквата за пари и ги повика ЗНМ и Синдикатот на новинари да реагираат.
Ј. Ѓ.









