
Министерството за внатрешни работи (Бирото за јавна безбедност), во тесна координација со Агенцијата за национална безбедност (АНБ), реализираше заедничка антитерористичка акција во која беа лишени од слобода пет лица за кривичните дела „Тероризам“ и „Терористичка организација“.
Акцијата е резултат на информации кои АНБ ги добила преку меѓународна соработка уште на почетокот на годинава и ги проследила до Секторот за борба против тероризам при МВР. Информациите посочувале на мрежа од шестмина државјани на Северна Македонија, на возраст од 29 до 73 години, лоцирани во Скопје и Куманово.
По истражните активности, полициските служби, поддржани од Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, извршиле претреси на четири локации, при што уапсиле четири лица. Петтото лице било лишено од слобода во соседна Грција и веќе е предадено на македонските власти, додека по шестиот осомничен, за кого има сознанија дека е надвор од државата, сè уште се трага.
При претресите полицијата запленила мобилни телефони, лаптопи, УСБ-мемории, тефтери со контакти, но и огнено оружје со муниција (дел од нив без дозвола), како и скица со означена локација која допрва ќе се вештачи. Истрагата утврдила дека групата била меѓусебно поврзана и комуницирала со странски државјани преку т.н. прокси-мрежи. Клучното откритие на МВР и АНБ е дека оваа ќелија „имала намера да изврши терористички акт насочен кон цел на територијата на друга држава“.
Осомничените се предадени на надлежното јавно обвинителство, а судија на претходна постапка веќе им определил соодветни мерки.
Оваа акција е доказ за високото ниво на оперативна координација меѓу безбедносните служби. Од МВР потсетуваат дека од крајот на 2024 година до денес, во соработка со АНБ, постапувале во дури 10 случаи опфаќајќи 22 лица, како и во два случаи за кривичното дело „Учество во странска војска или паравоени формации во обид“.










