ВЕСТИПОЛИТИКА

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ и Филипче шират лажна паника за банкарскиот систем, институциите целосно ги штитат граѓаните

ВМРО-ДПМНЕ реагира на обвинувањата на СДСМ за банкарскиот систем, обвинувајќи го Венко Филипче за креирање страв и хистерија кај граѓаните и штедачите.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку писмено соопштение жестоко реагираше на обвинувањата од СДСМ и лидерот Венко Филипче во врска со банкарскиот систем, обвинувајќи ги за свесно предизвикување хистерија, страв и паника кај граѓаните.

Од партијата истакнуваат дека опозицијата не ја напушта матрицата на креирање вештачки кризи, потсетувајќи на, како што велат, претходните неуспешни обиди за ширење паника за мигранти, небезбедна вода во Гостивар и Скопје, како и наводната загрозеност на ПИОМ и исплатата на пензиите.

„Сега најново се фатија и за состојбата со банкарскиот систем, како нов обид за да стигнат до медиумски простор и да спечалат некој беден политички поен, зошто со план, програма и понуда до граѓаните, очигледно не можат“, се вели во партиската реакција.

Од ВМРО-ДПМНЕ децидно тврдат дека банкарскиот систем во државата воопшто не е доведен во прашање и дека не постои никакво незадоволство или немир, туку само обид на Филипче вештачки да предизвика недоверба во банкарскиот сектор и државните институции.

Нафрлените тези на Филипче во прашална форма, според ВМРО-ДПМНЕ, не го ослободуваат од одговорноста за обидот да креира несигурност кај штедачите. Партијата уверува дека државата, вклучително и Народната банка, ги преземаат сите неопходни мерки за целосна заштита на интересите на државата, граѓаните, штедачите и инвеститорите.

Поврзани вести

Back to top button