Владата на денешната седница препорача државните институции сместени во зградата на „Нова Македонија“ привремено да го реорганизираат работењето и вработените да ги извршуваат своите обврски од дома, без физичко присуство во објектот. Оваа одлука е донесена по разгледувањето на информацијата за техничката хаварија во зградата во која се сместени осум државни институции.
Поради продирањето на вода во дел од електричните инсталации, неопходно е да се спроведат сите технички и безбедносни проверки пред зградата повторно да се стави во редовна функција. Од Владата посочуваат дека мерката се презема исклучиво од превентивни и безбедносни причини, со цел да се заштити здравјето на вработените, но паралелно да се овозможи непречено продолжување на работните процеси и функционирањето на институциите.
Надлежните служби во моментов интензивно работат на санација на последиците од хаваријата за да се создадат услови за безбедно и целосно враќање на вработените во нивните канцеларии.
