ВЕСТИИМПУЛСМАКЕДОНИЈАПОЛИТИКАРЕПУБЛИКА
Во тренд

Скандалот со Македониумот изнајмен на косовски рапер за снимање спот ја крена јаноста, опозицијата бара одговорност

Еден од најзначајните симболи на македонската државност и историја, споменикот „Македониум“ во Крушево, стана предмет на жестоки реакции во јавноста откако се откри дека просторот бил искористен како локација за снимање на видеоспот. Станува збор за песната „Секси мама“ на косовскиот изведувач Дон Џони, за чија реализација објектот бил отстапен за сума од само 500 евра.

Првиот човек на крушевскиот Историски музеј, Миха Оџаклиески, во изјава за СДК.мк потврди дека снимањето се случило со нивно официјално одобрување. Тој појаснува дека Управниот одбор на институцијата има донесено интерна одлука која дозволува комерцијално отстапување на просторот.

„Просторот беше отстапен за снимање спот. На Управен одбор имаме донесено одлука просторот да може да се отстапува со соодветен надомест. Тие доставија објаснување дека ќе го користат за снимање спот. Немаме точно утврдена фиксна цена, туку се наплатува според часови. На пример, за пет до шест часа сумата е околу 500 евра“, изјави Оџаклиески.

Во однос на контроверзните кадри со експлицитни танцувања кои може да се забележат во спотот, директорот се оградува тврдејќи дека тие специфични сегменти не се реализирани во внатрешноста на споменикот. Според неговите зборови, продукцијата работела на повеќе локации, а во Крушево биле снимени само одредени сцени.

Сепак, овој потег отвори сериозни прашања за институционалната координираност. Директорката на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева, обзнани дека тие воопшто не биле консултирани за овој проект. Таа децидно изјави дека никакво барање за дозвола за снимање во „Македониумот“ не пристигнало на нивна адреса. Честоева потенцираше дека дозволи за вакви активности во заштитени објекти се издаваат исклучиво ако содржината е во согласност со промоцијата на македонската култура и уметност.

Случајот предизвика и политички реакции.

Од Комисијата за култура при СДСМ упатија жестоки критики за комерцијализацијата на вечното почивалиште на великанот Никола Карев, обвинувајќи ги надлежните за целосна неодговорност.

„Ни јавност, ни документи, ни одговорност! Многу едноставно СРАМ ДА ВИ Е! А за 500-те евра од изнајмувањето на вечното почивалиште на Никола Карев… Дали вака собирате пари за реставрацијата? Ако е така, кажете ѝ на јавноста, можеби ќе треба да најдеме уште некоја „Секси мама“ за Македониумот. Карев не е сценографија. Македониумот не е сала за изнајмување“, стои во реакцијата на опозициската партија.

Остра реакција пристигна и од политичката партија Левица, од каде обвинија дека „патриотите од ДПМНЕ го оставија Македониумот да пропаѓа, а сега го распродаваат македонското културно наследство“. Од партијата потсетуваат дека во јули годинава објектот беше прогласен за културно добро во опасност поради бројни оштетувања, оценувајќи дека е апсурдно што државата нема средства за негова конзервација, но има услови истиот простор да се изнајмува за странски комерцијални продукции и, како што велат, „мафијашки музички спотови“.

Според Левица, кога државата не обезбедува пари за заштита на националните симболи, институциите се принудени самите да го претворат културното наследство во средство за преживување и крпење на буџетот. Поради тоа, партијата јавно побара да се објави кој точно го одобрил снимањето и по кои критериуми, да се покаже договорот и финансискиот надомест, како и да се објасни за што ќе бидат употребени парите и дали при снимањето е загрозено ова културно добро.

Ј. Ѓ.

Back to top button