
Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ во солзи го заврши настапот на УС Опен откако беше поразен во првото коло од Аргентинецот Маријано Навоне, што е уште еден доказ дека годините брзо го стигнуваат 39-годишниот грен-слем шампион, пренесуваат светските медиуми.
Четвртиот носител на турнирот загуби по голема борба во пет сета со резултат 7-6 (7-5), 5-7, 4-6, 6-2, 6-1. Ова е првпат Ѓоковиќ да биде елиминиран во воведното коло на турнирот во Њујорк и негов прв пораз на стартот од еден грен-слем турнир уште од 2006 година. Натпреварот беше одбележан со сериозни физички проблеми за Србинот, кој видливо се мачеше со високата влажност, а во одлучувачкиот сет дури и повраќаше покрај теренот. Иако спортски му честиташе на 25-годишниот Навоне за најголемата победа во кариерата, Ѓоковиќ не можеше да ги скрие емоциите и напуштајќи го теренот изгледаше како да е на работ на солзи.
„Целото тело почна да ми колабира“
Овој пораз стави крај на обидот на Ѓоковиќ да стигне до рекордната 25-та грен-слем титула во поединечна конкуренција. Тој по мечот откри дека се соочува со сериозен здравствен проблем кој го мачи во услови на голема влажност, слично како што му се случи и на турнирот во Синсинати пред две недели.
„Мислам дека беше очигледно оти се чувствував ужасно на теренот. Не сакам да му одземам ништо од победата на Маријано, тој е одлично момче и голем борец, но јас воопшто не уживав“, изјави Ѓоковиќ. „Ова е нешто со кое се соочувам речиси на секој меч годинава – мачнини и повраќање. Потоа целото тело почнува да ми колабира, добивам грчеви и болки, а на крајот грбот и рамото едноставно откажаа.“
DJOKOVIC, QUEBRADO EN PLENO PARTIDO. 😢
📺 Mirá el #USOpen en el Plan Premium de Disney Plus. pic.twitter.com/j68EFhXDvK
— ESPN Tenis (@ESPNtenis) August 31, 2026
Шпекулации за крај на кариерата
И покрај јасните знаци на исцрпеност и фактот дека неговото тело сè потешко одговара на физичките барања на највисоко ниво, Ѓоковиќ засега не размислува за пензија. Иако поразот од 49-тиот тенисер во светот сигурно ќе вклучи одредени аларми, Ѓоковиќ во неодамнешен документарен филм истакна дека нема поставено „рок на траење“ на својата кариера. Неговиот примарен фокус во моментов, како што изјави по мечот, е да најде медицинско решение за неспецифичниот здравствен проблем.










