ВЕСТИЕКОНОМИЈАИМПУЛСМАКЕДОНИЈАПОЛИТИКАСКОПЈЕ
Во тренд

ЦГК алармира за нелогичности од набавка на нови електрични автобуси, Министерството за транспорт ја брани инвестицијата од 60 милиони евра

По цели 14 години, Владата спроведе голема набавка на нови електрични еколошки автобуси со кои директно ќе се влијае врз намалувањето на аерозагадувањето, решавањето на сообраќајниот метеж и подобрувањето на јавниот превоз во Скопје и останатите општини, реагираат со соопштение од Министерството за транспорт.

Реакцијата на Министерството за транспорт доаѓа како одговор на најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), кое обелодени дека државата плаќа речиси 60 милиони евра за автобуси чиј капацитет е значително помал од возилата со кои Скопје веќе располага, обвинувајќи дека набавката ја пратат низа нелогичности.

Од Министерството информираат дека на транспарентна електронска аукција е постигната најдобра единечна цена од 321.958 евра без ДДВ по автобус. Станува збор за инвестиција од 59,9 милиони евра за вкупно 150 целосно електрични автобуси и 75 полначи. Во контекст на цената, од Министерството прават споредба со градот Загреб, кој неодамна набавил 62 електрични автобуси за 56,8 милиони евра.

Надлежните реагираат на, како што велат, паушалните споредби во јавноста со автобуси на компримиран природен гас (ЦНГ).

„Секоја паушална споредба е обид да се направи манипулација или да се креира погрешна слика. Автобусите со кои се прави споредба се на погон на компримиран природен гас и се со целосно различни технички карактеристики. Донираните автобуси на гас имаат вкупно 29 седечки места, додека новите електрични имаат најмалку 33 седишта и вкупен капацитет од 67 патници. Тоа е како да се прави споредба на автопат и експресен пат“, децидни се од Министерството.

Новите автобуси, се наведува во реакцијата, се опремени со електромотори со максимална моќност од најмалку 350 kW, автоматски клима уред, три врати, дисплеј екрани, платформа за лица со инвалидитет и најсовремени системи за кочење и безбедност кои ги исполнуваат европската директива 2018/858 и ИСО стандардот 15118.

Оваа набавка, додаваат од Министерството за транспорт, е дел од стратешкиот план за трансформација на градскиот сообраќаен систем. Покрај еколошките придобивки, електричните возила ќе донесат и економска исплатливост на подолг рок преку значително намалени трошоци за одржување и енергија.

Според истражувањето на ЦГК, постапката за набавка се водела дури трипати во период од 15 месеци. Со секое ново поништување, понудувачите ги дознавале цените на конкуренцијата, по што во третиот обид, дотогашните ривали – унгарски „Икарус“ и кинески „Зонгтонг“ – се здружиле во конзорциум и го добиле тендерот. Од ЦГК посочуваат дека Министерството избрало поскапа понуда, отфрлајќи две поевтини решенија, притоа одбивајќи да ги достави анализите врз чија основа биле менувани техничките спецификации низ трите постапки.

Главниот парадокс во набавката, предупредуваат од Центарот, лежи токму во димензиите на возилата. Новите електрични автобуси ќе имаат вкупен капацитет од само 66 патници, што е за дури 20 места помалку во споредба со автобусите кои Градот Скопје ги купи последен пат, и 30 места помалку од возилата кои беа донирани од Европската Унија.

Ј. Ѓ.

Поврзани вести

Back to top button