
Најмалку десет лица загинаа во вчерашните бран руски и украински воздушни напади, додека војната продолжува со интензивни удари со ракети и беспилотни летала длабоко зад линијата на фронтот. Во руските напади во Украина загинале најмалку седум лица, додека украински напад со дронови во јужниот руски Краснодарски регион однел три животи, меѓу кои и две деца, објави Асошиејтед прес, повикувајќи се на украински и руски официјални лица.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека во текот на ноќта руски балистички ракети погодиле железничка инфраструктура во Киев. Во нападот загинало едно лице, а уште едно било повредено. Руското Министерство за одбрана соопшти дека цел на нападот било локомотивно депо.
Во одвоен руски ракетен напад во Киевската област, која го опкружува главниот град, загинале уште две лица, според локалните власти.
Напади имало и во регионот Запорожје. Едно лице загинало во ноќен напад со дронови, додека во напад во текот на денот биле убиени уште три лица, а 15 биле повредени. Зеленски соопшти и дека три лица биле ранети при напад врз минибус во градот Запорожје.
Во исто време, во рускиот Краснодарски регион, локалните власти соопштија дека три лица, меѓу кои две деца, загинале во украински напад со дронови, а двајца возрасни биле повредени. Информациите од руската страна не можат независно да се потврдат во услови на војна.
Новите напади следуваат само еден ден по рускиот удар врз трговски центар во Криви Рих, родниот град на Зеленски. Бројот на загинати во тој напад во меѓувреме се искачи на 16, а околу 130 лица се повредени. Четири лица сè уште се водат како исчезнати, според украинските власти.
Украинските власти тврдат дека нападот во Криви Рих бил изведен во два брана, при што вториот удар следел откако спасувачките екипи веќе пристигнале на местото.
Паралелно со руските напади врз украинските градови, Киев ги засилува ударите со беспилотни летала врз цели длабоко во руска територија. Украинските сили соопштија дека погодиле нафтена рафинерија во Новокујбишевск, во Самарскиот регион, на околу илјада километри од линијата на фронтот.
Размената на воздушни удари дополнително се интензивира во последните недели, додека обидите за дипломатски напредок во прекинот на војната засега не донесуваат видлив резултат.










