
Јане ЃОРЃИОСКИ
Го гледав пресот на Владата на кој присуствуваа портпаролката на Владата Марија Митева, главниот менаџер на „Авалон продукција“, Бобан Молошески и директорот на Државна лотарија, Александар Климовски.
И, што да кажам?
Ме изеде туѓ срам слушајќи го обидот на синот на Саво Климовски, кој се изнамачи кутриот да одрече дека државните пари на Државна лотарија не се државни пари.
Што рече Александар на пресот, парафразирам: Сè додека парите во Државна лотарија не се во дивиденда, тоа се пари на компанијата, а не на Владата која е единствен акционер во Државна лотарија. Прашан дали Државна лотарија може да се спротивстави на одлука на Владата како единствен основач и акционер во Државна лотарија, Климовски рече дека тоа не е можно.
И што треба понатаму да образложуваме, драги мои?
И да, Бобан Авалон Милошески ѝ се извини на новинарката Мирослава Симоновска за изречените навреди на пресот пред неколку дена.
Рече, бил под стрес и многу уморен:
„Сакам да ја искористам оваа прилика да ѝ се извинам на новинарката Мирослава Симоновска. Прво неџентлеменски искажаната прва реченица без персирање, второ афектно искажаната прва реченица исто така без многу памет. Не знам на колку од вас ви се случило да изговорат нешто во афект од умор и од стрес. Бев седнат на пресот помеѓу двајца полицајци. Тоа е едноставно кога јазикот ти е побрз од мозокот. Мене конкретно тоа ми се случи на таа прес-конференција. Контекстот на пресот беше сосема друг, не го очекував тоа прашање, без размислување одговорив во афект од умор и од стрес“, рече Милошески.
Митева вешто го менаџираше пресот, многу повешто од Бобан и кутриот Александар. Рече – имавме навистина прекрасно лето!
Нека ни е за многу години независноста!




