ВЕСТИПОЛИТИКА

ДУИ: За првпат од 1995 година не е примен ниту еден Албанец кадет на Воената академија

ДУИ преку соопштение обвини дека за првпат од 1995 година не е примен ниту еден албански кадет на Воената академија, посочувајќи го ВЛЕН како одговорен.

Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) објави дека за првпат од основањето на Воената академија во 1995 година, таму не е примен ниту еден кадет од албанска националност.

Според ДУИ, ова претставува „нова срамна епизода на ВЛЕН“ и продолжување на практиката на нула Албанци во државните институции. Од партијата посочуваат дека овој факт отвора сериозни прашања за реалната улога и влијание на ВЛЕН во власта, каде што застапеноста, како што велат, треба да биде реалност во институционалното функционирање, а не само декларативен принцип.

Во своето соопштение, ДУИ ја лоцира одговорноста и кај Владата, порачувајќи дека довербата меѓу политичките партнери не се гради преку празни декларации, туку исклучиво преку почитување на еднаквоста, застапеноста и политичките договори.

„Уште позагрижувачки е фактот што ваквите случаи го нарушуваат духот на Охридскиот договор, го ослабуваат принципот на правична и соодветна застапеност и ги доведуваат во прашање меѓуетничките односи“, се наведува во партиската реакција.

На крајот, од ДУИ директно го прозваа коалициониот партнер во Владата, барајќи одговор од ВЛЕН каде исчезнала застапеноста што ја ветувале пред граѓаните. Партијата заклучува дека застапеноста е начело, а не привилегија, и таа не смее да биде заложник на какви било политички калкулации.

Поврзани вести

Back to top button