ВЕСТИПОЛИТИКА

Почеток на изградбата на автопатот Скопје – Блаце: За ВЛЕН историски проект, за ДУИ плагијат поскап за 30 милиони евра

Официјалниот почеток на градежните работи на автопатот Скопје – Блаце предизвика политичка пресметка меѓу владејачката коалиција ВЛЕН и опозициската ДУИ. Додека власта го прославува стартот како крај на децениските лажни политички ветувања, опозицијата обвинува за свесно блокирање на готов проект кој сега ќе ги чини граѓаните десетици милиони евра повеќе.

Од коалицијата ВЛЕН преку писмено соопштение информираа дека денеска и официјално се отвора реалната перспектива за изградба на оваа значајна инфраструктурна артерија кон Косово. Тие посочуваат дека повеќе од една деценија овој автопат служел само како изборен аргумент со неколкукратно сечење ленти и празни буџетски предвидувања кои завршувале во ќорсокак. Симболично поврзувајќи го почетокот на работите со роденденот на нобеловката Мајка Тереза, од ВЛЕН истакнаа дека патиштата не се само асфалт, туку мостови кои ги поврзуваат луѓето со економиите и можностите за развој.

На оваа објава експресно возвратија од ДУИ, обвинувајќи ја коалицијата ВЛЕН за неспособност и лошо управување. Според опозициската партија, станува збор за проект кој бил целосно завршен и тендериран уште на 2 мај 2023 година од претходната влада, со првична вредност од 183 милиони евра.

Од ДУИ тврдат дека ВЛЕН две години го блокирале проектот критикувајќи го како прескап, за денес да го продолжат без да сменат ниту еден милиметар од трасата, но по цена од околу 210 милиони евра. Опозицијата јавно прашува зошто е изгубено драгоцено време и каде ќе завршат дополнителните 30 милиони евра за истиот автопат од 10 километри, кој сега ќе чини приближно 21 милион евра по километар.

Официјалните финансиски податоци објавени претходно од ЈПДП покажуваат дека за проектот се обезбедени 167,6 милиони евра заем од ЕБОР и 30,8 милиони евра грант од Европската Унија, додека актуелниот договор за изградба е објавен со вредност од околу 222 милиони евра.

Тоа значи дека политичките тврдења за „183“, „210“ и „222 милиони евра“ не се целосно споредливи без увид во тоа што точно влегувало во секоја од тие суми, односно дали станува збор само за градежни работи или и за надзор, техничка помош и други трошоци.

Автопатот Скопје–Блаце е дел од регионалната транспортна мрежа што ја поврзува Северна Македонија со Косово и понатаму со Албанија и Црна Гора. Според актуелниот план, втората фаза треба да биде завршена за четири години.

Поврзани вести

Back to top button