
Американскиот актер, режисер и продуцент Џорџ Клуни го прими Златниот лав за животно дело на свеченото отворање на 83. Венециски филмски фестивал, едно од највисоките признанија во светската кинематографија. Наградата му беше врачена во средата вечерта во Сала Гранде на Палацо дел Синема на венецијанскиот Лидо.
Клуни на церемонијата пристигна со сопругата Амал Клуни, а почесниот говор во негова чест го одржа оскаровката Лора Дерн, со која минатата година играше во филмот „Jay Kelly“ на Ноа Баумбах.
При прифаќањето на наградата, 65-годишниот Клуни со карактеристичен хумор рече дека Венеција му донела многу незаборавни моменти и дека фестивалот е негов омилен.
„Да се добие Златниот лав е огромна чест. Веројатно значи и дека сум стар, но ќе го прифатам“, изјави Клуни.
Уметничкиот директор на фестивалот Алберто Барбера го опиша Клуни како „комплетен и харизматичен уметник“, истакнувајќи ја неговата способност успешно да ги спои актерството, режијата и продукцијата. Неговата кариера започна со помали телевизиски улоги, а глобална популарност стекна како доктор Даг Рос во серијата „ER“.
Следуваа филмови како „Ocean’s Eleven“, „Michael Clayton“, „Gravity“, „Up in the Air“ и „The Descendants“. За „Syriana“ во 2006 година го освои Оскарот за најдобра споредна машка улога, додека истата година беше номиниран и за режија и сценарио за „Good Night, and Good Luck“. Во кариерата има освоено два Оскара и четири Златни глобуси.
Врската на Клуни со Венеција трае речиси три децении. Првпат се појави на фестивалот во 1998 година со „Out of Sight“, а во градот во 2014 година се венча со Амал Аламудин.





