
Под мотото „Скопје не спие“, на 3 октомври главниот град повторно ќе живее во ритамот на манифестацијата „Бела ноќ“. Во организација на ЈУ „Универзална сала“ и Град Скопје, овогодишното издание на „Бела ноќ 2026“ ќе понуди богата програма исполнета со концерти, изложби, диџејски настапи и содржини за најмладите, поврзувајќи ги градските плоштади, улици, музеи и галерии.
Централните музички случувања ќе се одвиваат на плоштадот „Мајка Тереза“ (на платото пред МОБ). Програмата таму започнува во 18:00 часот со детскиот фестивал „Поточиња“ и интерактивниот „Театар за тебе“, по што од 19:30 часот атмосферата ќе ја загрева DJ Bono. Вечерта продолжува со настапите на „Допамин бенд“ во 20:30 часот, додека главни ѕвезди на вечерта ќе бидат Игор Џамбазов и „Гуру Харе бенд“ со почеток во 22:00 часот. Забавата по полноќ е резервирана за DJ Tammy и DJ Toshevv.
За љубителите на електронската музика, кај фонтаната „Лотус“ програмата започнува во 20:30 часот со Flooder & Vaso, по што следуваат DJ Vecky – Fluere и Invictoz – Sempre. На платото пред Музејот на современата уметност од 20:00 часот ќе се одржи настанот „IN BETWEEN 04“ каде ќе настапи гостинката од Берлин, DJ AYŪ, поддржана од домашните диџеи Peneva, Stefan Strange, Bole и Luka. Традиционално, на „Боемска улица“ ќе се одржи „Боемска бела ноќ“ со настап на Владимир Поповски со бенд и DJ Тоше Вељанов.
„Бела ноќ 2026“ носи и богата визуелна уметност. Во Домот на градежниците ќе бидат отворени изложбите на Марија Рашковиќ и групната „Вортекс“, во Чифте амам ќе биде поставена изложбата „Пресек“ на Ирена Паскали, а во „Мала станица“ мултимедијалната поставка „Меѓу светови“ на Воскресија Андреевска. Дел од дневната програма опфаќа активности во ДКЦ „Карпош“ и Паркот на поезијата, додека Археолошкиот музеј ќе ги отвори вратите со бесплатен влез за поставката „35 предмети, 35 приказни“.
Вечерната програма на манифестацијата ќе се одвива од 19:00 до 03:00 часот, а активности ќе има и на Мостот на уметноста, Старата скопска чаршија, Музејот на град Скопје, МКЦ, „Аудио култура“ и улицата „Македонија“.










