Тамара Котевска го освои „британскиот Оскар“ за документарен филм, рамо до рамо со Херцог и Атенборо
Македонската режисерка триумфираше на престижните награди „Гриерсон“ во Лондон со филмот „Приказната за Силјан“, кој го потврди статусот на најуспешен кино-документарец за 2026 година.

Македонската режисерка Тамара Котевска, двојно номинирана за Оскар и двојно номинирана за ЕМИ, го освои престижното Гран-при признание за најдобар кино-документарец на овогодинешното доделување на наградите „Гриерсон“ (Grierson British Documentary Awards) во Лондон, кои во светската кинематографија важат за британски Оскар за документарни филмови. Ова се наведува во официјалното соопштение до јавноста.
Ова највисоко британско признание за документаристика Котевска го доби за нејзиниот филм „Приказната за Силјан“ (The Tale of Silyan), кој е продукција на „National Geographic Documentary Films“ и „Dogwoof“. Со оваа победа на свечената церемонија, македонскиот филм триумфираше во најсилната кино-категорија, уште еднаш потврдувајќи го светскиот квалитет на домашната авторска кинематографија и зацементирајќи го „Приказната за Силјан“ како најуспешен документарен филм за 2026 година.
Наградите „Гриерсон“, основани во чест на таткото на документарниот филм Џон Гриерсон, се најстарите и најугледни награди за документарен филм во Велика Британија. Титулата „британски Оскар за документарци“ ја носат поради нивното огромно влијание во филмската индустрија и фактот што победниците редовно се вбројуваат меѓу главните фаворити за наградите БАФТА и американскиот Оскар. Овој триумф во Лондон доаѓа по историскиот успех со „Медена земја“ и неодамнешното освојување на „Зелениот Оскар“ (Wildscreen Panda Award), со што Котевска бележи незапирлива низа од победи на најголемите светски филмски сцени.
Со ова признание, Котевска се впишува во друштво на најголемите светски документаристи и филмски великани кои претходно ја освоиле истата награда, меѓу кои се оскаровците Асиф Кападија, Алекс Гибни, Кевин Мекдоналд, како и култните автори Вернер Херцог, Луј Теру и сер Дејвид Атенборо.
„Вредноста на ‘Приказната за Силјан’ продолжува да се потврдува и по цела една година исполнета со награди, а ние очекуваме уште многу нови признанија и во наредниот период. Искрено, немам и што повеќе да кажам со зборови, освен дека овој филм го носи моето срце и целата моја страст кон седмата уметност“, изјави режисерката по повод големото признание.




