
Под мотото „Само сонот е стварност“, ова лето ќе се одржи седумнаесеттото издание на фестивалот за документарен филм „МакеДокс“, кое на публиката ќе ѝ ја понуди најсвежата документарна продукција. Фестивалот останува простор каде што документарниот филм претставува живо сведоштво за времето, луѓето и вистините кои најлесно се согледуваат низ објективот на камерата, информираат организаторите на настанот.
Овогодишното мото е инспирирано од насловот на песната на Тин Ујевиќ, но и од насловот на книгата на една од најзначајните македонски филмолози и филмски критичарки, Илинденка Петрушева.
Нејзините наследници од фестивалот истакнуваат дека чувствуваат силна внатрешна потреба да ја продолжат нејзината неуморна мисија за обнова на старите кина, поддршката на аматерскиот филм, како и нејзината посветеност на филмските архиви и кинематографијата воопшто.
Филмските проекции ќе се одржуваат на добро познатите локации во Скопје, односно во магичните простори на Куршумли ан, Сули ан и на платото пред Музејот на Македонија.
Од колективот на вљубеници во документарниот филм порачуваат дека мотото е директен повик да се продолжи борбата за местото на филмот на големото платно во обновените киносали, бидејќи документарниот филм често се раѓа токму од страста за собирање архиви и нивно оживување.
Реализацијата на седумнаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржана од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Програмата МЕДИА на Креативна Европа, Институтот „Јунус Емре“ во Скопје, амбасадите на Франција, Шпанија и Италија, Францускиот институт и Словенечкиот филмски центар. Поддршка за фестивалот обезбедија и Халк Банка, Скопско смут, Музејот на Македонија, Археолошкиот музеј, Факултетот за ликовни уметности, Лабораториум, Хотел Мериот и такси Глобал.






