
По повод три децении постоење на сцената, култниот македонски состав „Фолтин“ отвора ново поглавје со лансирање на „ФОЛТИН ГАРДЕРОБЕР“ – авторска колекција на облека создадена во соработка со познатиот визуелен уметник Зоран Кардула, соопштуваат од бендот.
Како што информираат во нивното соопштение, првата колекција насловена „ФОЛТИН × КАРДУЛА“ носи четири уникатни дизајни: „Сенки на петтолиние“, „Приклучено срце“, „Прослава“ и „Одек“. Овие дизајни, според креаторите, не се само обични визуелни решенија, туку претставуваат продолжување на препознатливиот јазик со кој бендот три децении комуницира со својата публика. Од таму додаваат дека идејата е музиката овојпат да може да се види, допре и носи, патувајќи во една сосема нова форма.
„Ова не е само колекција облека. Тоа е поинаков начин една музика да продолжи да се споделува, да активира други сетила и да создава нови спомени надвор од сцената“, се вели во најавата за роденденскиот проект.
Фотографиите од првата колекција ги носат млади луѓе, што според бендот е јасен потсетник дека нивната музика не останува заробена во едно време и не ѝ служи само на една генерација, туку континуирано се пренесува, се открива повторно и останува безвременска.
Покрај модната линија, круната на триесетгодишниот јубилеј ќе биде големата славеничка средба со публиката. Од организацијата потсетуваат дека јубилејниот концерт е закажан за 29 август, со почеток во 20:00 часот, во амбиентот на античкиот театар Хераклеа во Битола, а билетите се веќе достапни преку мрежата на МкТикетс.







