Со несекојдневна енергија, ритам и адреналин, култниот македонски бенд „Фолтин“ на 29 август во Хераклеа одржа јубилеен концерт по повод 30 години од првата средба со публиката, настан со кој воедно се спушти и завесата на овогодинешното издание на „Битфест 2026“, се наведува во соопштението за медиуми од бендот.
Енергијата од сцената се пренесувала кон луѓето и се враќала назад „погласна, послободна, малку побесна“, создавајќи атмосфера која некогаш наликувала на ритам, некогаш на масажа, а некогаш на чист адреналин. Според бендот, целата вечер границата меѓу сцената и публиката целосно исчезнала, а меѓупросторот се пополнил со глас, движење, раце во воздух и смеа.
Триесетте години на „Фолтин“ не се раскажувале, туку се отсвириле „песна по песна, поглед по поглед, насмевка по насмевка, здив по здив“. Сцената била збогатена и со дополнителни гласови од пријателите на бендот, меѓу кои Оливер Јосифовски, Алек Секуловски, Дина Јашари, Лука Тошев, како и членовите на Дувачкиот оркестар на Битола (Стефан Тасевски, Мирко Митровски, Љупчо Богатиноски). Секој од нив додал свој импулс во „заедничкиот пулс на вечерта“.
Иако јубилејниот концерт заврши и „Битфест 2026“ е затворен, од „Фолтин“ порачуваат дека прославата продолжува и дека има уште многу причини за идни средби со публиката. Официјалните фотографии од настанот се дело на фотографот Томислав Георгиев.







