ВЕСТИМАКЕДОНИЈАСКОПЈЕСЦЕНАТРЕНД

Задолжителна замена на влезниците за нараквици за концертот на Дејвид Гета

Сите посетители кои имаат купено влезница за концертот на Дејвид Гета (David Guetta: The Monolith Show) по повод 35 години независност, задолжително мора да ја заменат за соодветна нараквица пред денот на настанот, соопштија од Авалон продукција. Оваа одлука е донесена во координација со Министерството за внатрешни работи, со цел обезбедување побезбеден и поефикасен протокол за влез на големиот настан.

Процесот на замена на влезниците ќе се одвива во Градскиот парк во Скопје, на локацијата „Вембли“, каде ќе бидат поставени специјални куќарки. Замената започнува на 4 септември во периодот од 16:00 до 20:00 часот, додека во следните три дена, односно на 5, 6 и 7 септември, пунктовите ќе работат од 12:00 до 20:00 часот. При замената, посетителите задолжително треба да ја понесат влезницата во физичка или електронска форма, како и лична карта или друг документ за идентификација на лицето кое ќе ја носи нараквицата.

Од Авалон нагласуваат дека нараквицата ќе биде ставена директно на раката на лицето кое ќе го посетува концертот и не може да биде преземена од едно за друго лице. Откако ќе биде ставена, таа мора да се чува до денот на концертот и не смее да се отстранува, модифицира или оштетува, бидејќи во спротивно нема да биде дозволен влез, ниту пак ќе се издава нова нараквица. Единствениот начин за влез на концертот на 8 септември е со исправна нараквица, а по извршената замена, оригиналната влезница автоматски ќе биде блокирана.

Единствен исклучок од ова правило се лицата кои имаат влезница за нумерирана трибина, кои мора задолжително да го зачуваат билетот и по замената за да можат да го пронајдат своето резервирано место.

 

Поврзани вести

Back to top button