Започна обновата на Градскиот парк: Се засадуваат 60 нови садници по силното невреме
По вчерашната голема акција за расчистување на теренот од паднатите дрвја, искршените гранки и оштетената урбана опрема, Градот Скопје денеска започна со акција за санирање на последиците во Градскиот парк, засадувајќи 60 нови садници од видовите јавор и јасен.
Силното невреме проследено со оркански ветер нанесе сериозни штети врз зеленилото во престолнината, но од градските власти информираат дека теренските екипи веќе активно работеле на замена на уништените дрвја со нови, квалитетни садници.
Градскиот парк ќе се обновува со дополнително зеленило
Од Градот Скопје истакнуваат дека денешната акција е само почеток на целосниот план за зазеленување и реконструкција на паркот.
„Страшното невреме остави тешки последици низ градот, но и во срцето на Скопје, во Градскиот парк. Сепак, ние не дозволуваме последиците да останат слика на нашиот град. Започнавме со засадување на 60 нови садници јавор и јасен кои ќе донесат повеќе сенка, почист воздух и нов живот во зелената структура на паркот. Градскиот парк ќе го оплемениме со уште повеќе дрвја, зеленило и нови содржини, а на местото на секое паднато дрво ќе засадиме ново за паркот повторно да биде позелен и поубав“, соопштуваат од Градот Скопје.
Паралелно со засадувањето во Градскиот парк, екипите на јавните претпријатија продолжуваат со расчистување и санирање на штетите на останатите критични локации низ сите скопски општини.










