МВР апелира до операторите на дронови: Не летајте во близина на полициски хеликоптери

Министерството за внатрешни работи денеска упати предупредување до граѓаните и операторите на дронови поради зголемениот број летачки активности на полициските хеликоптери, особено во операциите за гасење пожари, извидување, транспорт и други интервенции низ државата.
Од МВР посочуваат дека поради природата и итноста на задачите, местото, времето и маршрутата на полициските хеликоптери не секогаш можат однапред да бидат предвидени, што дополнително го зголемува ризикот од небезбедно користење беспилотни летала.
Министерството апелира лицата кои не ги исполнуваат законските услови и немаат потребни одобренија, регистрации или сертификати да не управуваат со дронови спротивно на прописите.
Операторите кои ги исполнуваат условите, пак, се должни да ги почитуваат воздухопловните правила, ограничувањата во воздушниот простор и условите утврдени од надлежните институции, вклучително и најавување и координација со контролата на летање кога тоа е потребно.
„Доколку оператор на дрон забележи или слушне полициски хеликоптер во близина, должен е веднаш и без одлагање безбедно да го приземји дронот“, предупредуваат од МВР.
Од Министерството нагласуваат дека во ниту еден случај дронот не смее да се насочува кон хеликоптер, да му се приближува, да го следи неговото движење или да се користи за снимање од непосредна близина.
Според МВР, присуството на дрон во зоната во која дејствува хеликоптер претставува сериозна опасност за безбедноста на летот. Евентуален судир може да предизвика оштетување на хеликоптерот, губење контрола и директна опасност за екипажот, но и за луѓето и имотот на земја.
Опасноста е особено голема при интервенции на пожари, кога хеликоптерите летаат на ниска височина, во чад, намалена видливост и турбуленции. Во такви услови, навременото забележување и избегнување мал беспилотен воздухоплов може да биде исклучително тешко.
Појава на дрон во оперативната зона, предупредува МВР, може да доведе и до прекин или одложување на интервенцијата, со што дополнително се загрозуваат населението, пожарникарите, имотот и природните ресурси.
Министерството најавува дека ќе презема мерки за утврдување на идентитетот и одговорноста на лицата кои незаконски или небезбедно управуваат со дронови и ја загрозуваат безбедноста на воздушниот сообраќај и полициските воздухоплови.
За прекршување на законските обврски може да следуваат прекршочни, а во случаи кога се исполнети законските услови и кривични мерки. Од МВР додаваат дека надлежните служби веќе постапуваат за слични евидентирани случаи.
„Безбедноста на екипажите кои секојдневно се ангажирани во заштита на граѓаните и справување со пожарите мора да биде заедничка одговорност на сите“, порачуваат од Министерството.










