ВЕСТИИМПУЛССВЕТ

УКРАИНСКА ДРОН-ОФАНЗИВА: Елитна единица ја пренесува војната длабоко во руска територија

КИЕВ – Повеќе од четири години по почетокот на руската инвазија, Украина ја пренесува војната од копно на небо, претворајќи ја во невидена битка со беспилотни летала. Според репортажата на британскиот весник, елитната 414-та воздухопловна бригада, позната како „Птиците на Маѓар“, секојдневно лансира дронови кои можат да прелетаат повеќе од 2.500 километри. Оваа импресивна оддалеченост им овозможува на украинските сили да погодат цели било каде во европскиот дел на Русија, па дури и во голем дел од Сибир, пишува Гардијан.

Кампања за „исклучување“ на Крим и удари врз Москва

Единицата „Каирос“ (деветтиот баталјон на бригадата), под команда на потполковникот познат како Реј, неодамна спроведе координирана серија напади наречена „исклучување“ на Крим. Целта на оваа кампања е регионот да се отсече од енергетските и логистичките мрежи. На 21 јули, нивните дронови погодија 13 електрични јазли, вклучувајќи трафостаница во одморалиштето Алушта на јужниот брег на окупираниот полуостров, како и цели во руски контролираните делови на регионите Запорожје и Херсон.

Покрај Крим, во текот на 2026 година, украинските дронови стигнаа и до Москва, како и до родниот град на рускиот претседател Владимир Путин, Санкт Петербург. Леталата од домашно производство, кои наликуваат на сиви двокрилци со дрвени пропелери, се создадени од стартап за одбранбена технологија во Киев. Овие дронови погодуваат рафинерии за нафта, магацини, пристаништа, како и логистички рути на армијата како патишта и железници.

Слабеење на руската одбрана и економија

Роберт „Маѓар“ Бровди, шеф на украинските сили за беспилотни системи, истакнува дека руската големина, која некогаш беше нејзина стратешка предност, сега е претворена во огромна слабост. Според неговите тврдења, украинските дронови од долг дострел значително ја проретчиле руската противвоздушна одбрана, уништувајќи 305 системи досега. Поради ова, Кремљ во паника преместил дел од одбраната од фронтот со цел да ја заштити Москва.

Во изминатиот период, бригадата уништи и најмалку девет магацини на руската компанија „Wildberries“ (рускиот еквивалент на Amazon), за која Украина тврди дека продава воени производи. Овие удари предизвикаа штета од милијарди рубљи и имаат големо социо-психолошко влијание врз руското општество.

Целта на украинската стратегија е да се изврши континуиран притисок врз руската економија. И покрај тоа што околу една третина од дроновите се соборуваат над окупираните територии, а загубите се уште поголеми над самата Русија, украинските команданти оценуваат дека стратегијата за исцрпување на руските трупи и ресурси функционира.

Украинската одбранбена индустрија бележи забрзан развој со кој успева самостојно да произведе замена за западното вооружување, овозможувајќи му на Киев интензивна кампања на долгометни напади длабоко во руската територија. Во центарот на оваа воена офанзива е компанијата „Fire Point“, која произведува околу 100 крстосувачки ракети од типот „Flamingo“ месечно и илјадници беспилотни летала

Редакција Брц

Поврзани вести

Back to top button