АРТВЕСТИ

Последен ден на „МакеДокс“: Затворање и проекции во Куршумли ан

Седумнаесеттото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ завршува денеска, 27 август, со целодневна програма што почнува со индустрискиот форум „МакеКоПроДокс“, продолжува со традиционалните „Доку-муабети под смоква“, а вечерта носи церемонија на затворање и повеќе документарни проекции во Куршумли ан и Сули ан.

Денешната програма почнува во 10 часот во Албанскиот театар, каде до 17 часот продолжува „МакеКоПроДокс форумот“. Регионалната платформа е насочена кон развој и копродукција на креативни документарни проекти од Балканот и ги поврзува авторите и продуцентите со меѓународни продуценти, фестивалски програмери, фондови, агенти за продажба и дистрибутери. Форумот годинава се одржува од 25 до 27 август.

Во 18 часот во Куршумли ан почнуваат последните „Доку-муабети под смоква“, неформалниот фестивалски простор за разговор меѓу авторите, гостите и публиката. Разговорите траат до 20 часот, а влезот е бесплатен.

Филмската програма почнува во 20:30 часот на повеќе локации.

Пред Куршумли ан ќе биде прикажан италијанскиот краток документарец „Сувенир од Париз“ на Клаудио Палето, по што во 20:52 е предвиден разговор со авторот. Во 21:07 следува италијанскиот документарец „Божјото јагне“, во траење од 73 минути.

Во исто време, во Сули ан, во рамките на програмата „Земја во фокус: Шпанија“, од 20:30 ќе се прикажува „Камени богови“, копродукција на Шпанија, Португалија и Франција од 2025 година. По филмот е најавен разговор со Иван Кастињеирас и Давид Мартинез Амоеиро.

Затворањето во Куршумли ан

Церемонијата на затворање на 17. „МакеДокс“ е закажана за 20:30 часот во Куршумли ан. Фестивалот има пет жирија што ги оценуваат филмовите за наградите „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и наградата за филм со најдобри етички идеи.

По церемонијата, во 20:45 ќе биде прикажан „СЛЕТ 1988“, 22-минутна копродукција на Германија, Франција и Србија, а во 21:07 следува „Југо оди во Америка“, српско-хрватски документарец од 2026 година. По проекцијата е предвиден разговор со Александар Блажиќ во 22:44. Фестивалската вечер во Куршумли ан ќе заврши со концерт од 23 часот.

Во Сули ан програмата продолжува и во 22:30 со шпанскиот документарен филм „Дневник за уценување“, во траење од 64 минути.

Годинашниот „МакеДокс“ се одржуваше од 20 до 27 август под мотото „Само сонот е стварност“. Во осумте фестивалски дена во програмата беа вклучени 71 документарен филм, со повеќе од 100 гости од странство, како и мастеркласови, работилници, дискусии и индустриски програми. Седумнаесеттото издание беше посветено и на филмската критика и на наследството на филмската критичарка, публицистка и истражувачка Илинденка Петрушева (1944–2025).

Back to top button