ВЕСТИСВЕТ

Нетанјаху го отфрли планот од 15 точки на Трамп за крај на војната во Газа

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го потврди своето отфрлање на најновиот план на Доналд Трамп за Газа во телевизиско обраќање до неговата десничарска влада во неделата, иако израелската војска ефективно ги запре нападите на оваа територија под притисок на американскиот претседател. пренесува Ројтерс.

Нетанјаху се соочува со пад на рејтингот пред изборите закажани за 27 октомври. Тој е растргнат помеѓу крајно десничарските министри кои се револтирани од отстапките во Газа и неговиот клучен воен поддржувач Трамп, кој бара напредок кон завршување на конфликтот преку нов патоказ од 15 точки. Израел ги намали нападите во Газа од понеделникот, кога претставникот за Газа од Одборот за мир на Трамп, Николај Младенов, се сретна со Нетанјаху. Според извор запознаен со израелската позиција, постигнат е договор војската да дејствува само против непосредни закани и повеќе да не спроведува целни атентати, кои претходно се одвиваа речиси секојдневно.

Младенов во неделата изјави дека дискусиите за новиот патоказ се во тек. Трамп минатиот месец најави пробив во неговиот план за крај на војната, со кој се согласија и Израел и Хамас. Според тој план, израелските сили треба да се повлечат додека Хамас се разоружува, а Меѓународните сили за стабилизација заедно со новата палестинска полиција ќе ја обезбедуваат енклавата. Сепак, набрзо се појавија компликации околу временската рамка за спроведување.

„Израел не го прифаќа документот од 15 точки“, изјави Нетанјаху на почетокот на состанокот со министрите. Тој порача дека војската нема да се повлече додека Хамас не се разоружа од секакво оружје. Премиерот додаде дека Израел е во преговори со САД и дека знае како цврсто да се спротивстави на идеите кои се неприфатливи. Во меѓувреме, Младенов за израелската телевизија N12 појасни дека од Израел ќе се бара повлекување „сектор по сектор“ дури откако оружјето ќе му биде одземено на Хамас и ќе биде направено неупотребливо.

Високиот функционер на Хамас, Басем Наим, истакна дека групата останува посветена на патоказот договорен во Каиро пред десет дена. Тој очекува посредниците и САД да извршат притисок врз Нетанјаху да не го попречува процесот поради внатрешно-политички и изборни причини. Хамас го избегнува терминот „разоружување“, но се согласи да го предаде оружјето кое ќе се чува под палестинска технократска администрација поддржана од САД, под надзор на Одборот за мир на Трамп. Групата нагласи дека спроведувањето на договорот ќе зависи од тоа дали Израел прв ќе ги исполни своите обврски, вклучително и повлекувањето и запирањето на нападите.

Крајно десничарскиот министер за финансии Безалел Смотрич го пофали Нетанјаху, изјавувајќи дека војската не смее да се повлече ниту еден милиметар од Појасот Газа бидејќи централната цел останува уништувањето на Хамас. Од прекинот на огнот постигнат со посредство на САД во октомври 2025 година, повеќе од 1.250 лица, претежно цивили, се убиени во израелските напади, според здравствените власти во Газа. За истиот период загинале четворица израелски војници, а Хамас не го открива бројот на загинати борци. Израелските трупи окупираат и раселија две третини од енклавата, оставајќи ги речиси сите повеќе од два милиони жители ограничени на мал крајбрежен појас во импровизирани шатори или оштетени згради.

Back to top button