ВЕСТИПОЛИТИКА

Мицкоски: По 30 години чекање, железницата кон Бугарија доби заокружен проект кој нема да заврши во слепа улица

Повеќе од три децении чекање завршуваат со конечно заокружување на финансиската и проектната конструкција за железничкото поврзување со Бугарија, кое наместо во „слепа улица“ и половина тунел, сега претставува функционална целина со јасна обврска и од бугарска страна. Ова го порача премиерот Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека тендерот треба да заврши, а изградбата на источниот крак од Коридорот 8 да започне уште оваа година.

Во Владата денеска беа потпишани договорите за инвестициски грант од Европската Унија преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, како и договорите за финансирање со Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), со што се обезбедува финансиската конструкција за реализација на третата фаза од железничката делница Крива Паланка – почеток на прекуграничниот тунел со Бугарија, како дел од Железничкиот коридор 8.

Осврнувајќи се на критиките од опозицијата за наводно изгубениот грант од 60 милиони евра, Мицкоски појасни дека актуелната состојба е резултат на двегодишна напорна работа за оптимизација на проектот. Тој посочи дека претходниот план од јуни 2024 година предвидувал трошење на над половина милијарда евра за проект кој завршува на половина тунел „во средина на ништо“, без јасна определба од источниот сосед за модернизација на нивната секција.

„Да, требаше време. Се постигна напредок, се потпишаа договори, имаме обврска од двете страни и имаме тунел којшто е практично трет дел од проектот. Имаме заложба од страна на нашиот источен сосед за јасна модернизација на тој дел од Коридорот 8 и имаме заеднички проект – тунелот којшто очекуваме да биде целосно финансиран како грант од страна на Европската комисија“, појасни Мицкоски, додавајќи дека парите што ги враќаат граѓаните не смеат да се трошат само за прес-конференции, туку за проекти со додадена економска вредност.

Милионска поддршка и заштита на статусот на УНЕСКО на западниот крак

Финансирањето на источниот дел од Коридорот 8 е обезбедено со огромна поддршка од европските институции, вклучувајќи ги ЕИБ, ЕБОР и грант од 169 милиони евра преку Инвестициската рамка за Западен Балкан.

Паралелно со овој проект, премиерот најави и заокружување на западниот дел од Коридорот 8. Делницата од Скопје до Гостивар, преку Јегуновце и Тетово, ќе биде модернизирана и електрифицирана. За делот од Гостивар кон Кичево, Струга и границата со Албанија, Мицкоски најави исклучително внимателен пристап за да не се загрози статусот на УНЕСКО за Охридско-струшкиот регион.

„Затоа обезбедивме 3+2 години, за да не се доведеме во ситуација некои идни влади повторно да го имаат тој проблем како што ние го имавме како наследство од претходните влади. Нас ни е значајно Охридско-струшкиот регион да остане природно и културно светско наследство коешто ќе биде заштитено од УНЕСКО“, нагласи премиерот.

Мицкоски очекува дека претстојниот инженерски потфат на источниот крак ќе биде предизвикувачки, но изрази уверување дека македонската градежна оператива поседува капацитет да одговори на задачата, што позитивно ќе се одрази врз домашниот бруто-домашен производ.

Поврзани вести

Back to top button