ВЕСТИМАКЕДОНИЈАСКОПЈЕСПОРТ

Скејт-заедницата со акција за обнова на скејт-паркот во Карпош

Скејт-заедницата во Скопје започна донаторска акција за реновирање на дотраените елементи во скејт-паркот во Карпош. Оваа акција претставува отворен повик до сите граѓани, поранешни и сегашни корисници, родители, компании и организации да помогнат паркот повторно да стане безбедно, функционално и достапно место за спорт, се наведува во соопштението од скејт-заедницата.

Со собраните средства планирано е да се заменат дотраените композитни и дрвени елементи со поиздржливи бетонски решенија, да се санираат површините за возење, да се обноват рампите и да се постават нови метални рабови и шини. Секој дониран денар ќе биде наменет исклучиво за материјали и изведба на работите. Општина Карпош веќе ја издала потребната дозвола за обновување, па следниот чекор е собирањето средства за бетон, метал, останати материјали и за стручна работна сила.

Паркот претставува отворен и бесплатен простор, без членарини и финансиски бариери, кој секојдневно го користат деца и млади за скејтбординг, возење ролери и BMX. Сепак, по години интензивна употреба, дрвените површини се скапани, металните делови се разлабавени и кородирани, а дупките и оштетените патеки претставуваат сериозен ризик од повреди.

„Ова не е само прашање на подобри услови за скејтање, туку и прашање на безбедност и грижа за јавен простор што им припаѓа на младите. Ние сме луѓето што секојдневно го користиме паркот и сакаме да го вратиме во состојба во која ќе може безбедно да го користат сегашните и идните генерации“, порачуваат иницијаторите на акцијата.

Сметка за донации: 210-0602535801-87

Со ознака до: ЕКСТРИМ СПОРТС Скопје

Онлајн донации може да се направат и преку страната Whydonate.com на следниот линк.

 

Поврзани вести

Back to top button