Стапката на инфлација во државата бележи континуиран пад и во јули се спушти на 2,3 проценти на годишно ниво, што претставува резултат понизок и од просекот на земјите во еврозоната, а ваквите бројки се директна потврда за економските политики кои водат кон подобар животен стандард, оценуваат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Повикувајќи се на најновите податоци од Државниот завод за статистика, од партијата посочуваат на јасен тренд на забавување на растот на трошоците за живот. Динамиката покажува континуирано намалување од пролетните месеци, па така инфлацијата која во април изнесувала 5,7 проценти, во мај се намалила на 4,8 отсто, додека во јуни паднала на 3,4 проценти. Со јулските 2,3 проценти, македонската инфлација се позиционира под европскиот просек, кој за истиот месец изнесува 2,9 проценти.
Од владејачката партија анведуваат дека од особено значење за граѓаните е продолжувањето на трендот на поевтинување на основните продукти. Според статистиката, цените на храната и безалкохолните пијалаци во текот на јули се намалени за дополнителен 1,1 процент во споредба со претходниот месец, што има директно позитивно влијание врз семејниот буџет на домаќинствата, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
„Бројките несомнено се позитивен сигнал за движењата во економијата. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ги следи економските движења и да креира мерки во интерес на граѓаните и нивниот животен стандард“, заклучуваат од партијата.









