ВЕСТИПОЛИТИКА

ДУИ: Владата изгуби 60,77 милиони евра европски грант за железницата на Коридорот 8

Демократската унија за интеграција (ДУИ) на прес-конференција ја обвини Владата за губење на 60,77 милиони евра неповратни средства од Европската Унија, наменети за изградба на третата делница од железничкиот Коридор 8 кон Бугарија.

Според партијата, официјалните документи доставени до Собранието потврдуваат дека овие ИПА средства повеќе не се достапни поради поништување на тендерот објавен во 2024 година и несклучување на договорот за изградба во предвидениот рок.

Од ДУИ потсетуваат дека на крајот на 2023 година, додека тие биле дел од власта, бил обезбеден најголемиот финансиски пакет за овој проект во вредност од околу 560 милиони евра, составен од кредити од ЕИБ и ЕБОР, како и грантови од WBIF и ИПА фондовите.

„Ова не се само пари. Ова е изгубена историска можност за економски развој на државата, за модернизација на инфраструктурата и за зајакнување на нашето поврзување со Европа. Денес бараме јасни одговори: Кој ќе понесе одговорност за губењето на 60,77 милиони евра и дали сега граѓаните ќе треба од државниот буџет да го покриваат она што Европската Унија беше подготвена да го финансира како грант?“, прашуваат од ДУИ.

Партијата предупредува дека непостапувањето на актуелната Влада создава сериозни сомнежи за нејзиниот однос кон стратешките евроатлантски проекти. Од ДУИ нагласуваат дека Коридорот 8 не е само инфраструктурен проект, туку паневропски коридор кој има огромно значење за регионалната безбедност, НАТО и Европската Унија.

Поврзани вести

Back to top button