Македонија станува слепо црево на Балканот додека соседите грабат кон ЕУ, обвинува СДСМ

Македонија се претвора во слепо црево на Балканот поради свесната политика на изолација и стравот на власта од европското јавно обвинителство, додека останатите земји од регионот и Европа забрзано чекорат кон ЕУ. Ова е главната порака која денеска повторно ја испратија од опозицискиот СДСМ, повикувајќи го премиерот Христијан Мицкоски да признае дека ги лажел граѓаните и да обезбеди подобра иднина за државата.
Според анализата на социјалдемократите, додека Црна Гора ги затвора поглавјата и цели кон членство во 2028 година, а Албанија, Молдавија и Украина континуирано напредуваат, Македонија стои во место. Од партијата нагласуваат дека рокот до 1 јуни кој Мицкоски го ветил за исполнување на Реформската агенда е истечен, а реформите воопшто не се ни спомнуваат во јавноста.
Таен план за францускиот предлог и признавање на досегашните политики
Од СДСМ посочуваат дека додека другите држави преговараат за датуми, македонската јавност сè уште чека премиерот да се врати од Брисел и да соопшти што договорил за францускиот предлог. Повикувајќи се на неодамнешните изјави за преговори „под радарот“, опозицијата смета дека власта има таен план, а единствениот проблем со кој се соочуваат е како тоа да им го соопштат на своите гласачи по сите неисполнети предизборни ветувања.
„Ништо не исполни. Лажеше за името, за Преспанскиот договор, за подобри услови, за гаранции. Сега мора да ја признае политиката на СДСМ, исто како што призна дека Преспанскиот договор е ремек-дело на дипломатијата. За НАТО веќе признаа и тој и Тимчо – дека е феноменален заради безбедноста на граѓаните и сигурноста на странските инвестиции. Јазикот, културата и националниот идентитет се апсолвирани, како што рече претседателката Сиљановска“, се наведува во соопштението на партијата.
Од опозициската партија го повикуваат Мицкоски да собере храброст, да ја признае реалноста и да го одблокира европскиот пат. Според оценките на СДСМ, моменталната политика на изолација служи исклучиво за заштита на владејачката структура, оставајќи ги граѓаните без перспектива додека цела Европа се движи напред.










