СДСМ: Насилникот од Охрид што ја претепа Сара е син на функционери од ВМРО-ДПМНЕ, се прави обид за прикривање на случајот
Форумот на жени на СДСМ обвини дека се прави обид за прикривање на бруталното претепување на девојка во Охрид, бидејќи сторителот е син на функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

Форумот на жени на СДСМ преку прес-конференција упати тешки обвинувања до власта и надлежните институции, тврдејќи дека се прави обид за прикривање на бруталното претепување на млада девојка во Охрид, бидејќи сторителот е син на високи функционери поврзани со ВМРО-ДПМНЕ.
Кети Штерјова од СДСМ истакна дека, според јавното сведоштво на мајката на претепаната Сара, осомничениот бил пуштен на слобода, додека жртвата стравува за сопствената безбедност. Таа обвини дека имало обиди за влијание врз медицинската документација.
„Ова се случува само затоа што насилникот е син на Љубинка Корабоска, поранешна претседателка на ДКСК предложена од ВМРО-ДПМНЕ, и на Гоце Корабоски, инспектор во УЈП, за кого се зборува дека има блиски релации со премиерот Мицкоски“, нагласи Штерјова.
Од опозициската партија директно го посочија министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и партизацијата на системот како главни виновници за, како што велат, неказнивоста што ги охрабрува насилниците. Како пример за системски пропусти, од СДСМ ги набројаа и случаите со ослободениот телохранител на Мицкоски, запалената девојка во Богданци и серискиот убиец во Куманово.
„Нема да прифатиме жените во Македонија да живеат во страв, а насилниците да се чувствуваат недопирливи само затоа што се блиски до ВМРО. Бараме веднаш да се утврдат сите пропусти, влијанија и обиди за заштита на осомничениот насилник, како и итна и ефективна заштита на жртвата“, порачаа од Форумот на жени на СДСМ.










