ВЕСТИИМПУЛСМАГАЗИН

Блескава премиера на филмот „Сестра, брат и шахта“ на Манчевски во Токио

Деветтиот филм на Милчо Манчевски, „Сестра, брат и шахта“, воодушеви на 39. Меѓународен филмски фестивал. Јапонската публика чекаше цел час по проекцијата за да се сретне со македонската екипа.

Најновиот филм на реномираниот македонски режисер Милчо Манчевски, „Сестра, брат и шахта“, доживеа блескава светска премиера во рамките на натпреварувачката програма на 39. Меѓународен филмски фестивал во Токио, кој важи за фестивал од А-категорија. Деветтиот игран филм на Манчевски, кој претставува необична комедија за оние што имаат и оние што немаат низ призмата на брат и сестра кои живеат на општествените маргини, предизвикал исклучителен интерес и емотивни реакции кај јапонската публика, која во долга редица чекала цел час за да добие автограми и да се фотографира со филмската екипа. По премиерната проекција, режисерот заедно со главните актери Сара Климоска и Филип Трајковиќ одржал разговор со присутните и со меѓународните медиуми, за што извести продукцијата на филмот преку официјално соопштение до јавноста.

„На Токио му дадовме шахта, а си земавме суши. Публиката дишеше со филмот. Се радувам што вака убаво го пуштивме во свет“, изјавил Манчевски од Токио по премиерата на која претходеше свечено дефиле по црвениот тепих на отворањето на фестивалот. Легендарниот уметнички директор на фестивалот, Шозо Ичијама, кој го водел разговорот, се осврнал на извонредните уметнички квалитети кои го навеле да го покани филмот, додека гледачите низ конкретни прашања потенцирале колку емотивно ја доживеале необичната приказна. Главниот актер Филип Трајковиќ истакнал дека е пресреќен што неговиот лик Виктор првпат си го покажал лицето токму во Токио, изразувајќи надеж дека тој ќе стане „граѓанин на светот“, додека Сара Климоска, која медиумите ја нарекле ѕвезда на филмот, додала дека преку ликот на Малина истражила многу човечки искуства и противречности.

Премиерата на македонскиот филм ја поддржал и првиот човек на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, кој заминал за Токио и нагласил дека овој настан е уште една потврда оти филмот е најсилниот културен промотор на современа Македонија. Тој честитал на екипата, најавувајќи промени насочени кон зголемување на филмскиот буџет и создавање подобри услови за работа. Ко-продукцијата меѓу Македонија, Бугарија, Србија, Албанија, Италија и Англија, со Јане Ќортошев како продуцент, ќе има дополнителни проекции во Токио на 2 и 3 ноември, предводена од импресивната актерска екипа и меѓународниот авторски тим со кој Манчевски, по четврти пат, ја претставува Македонија на овој престижен фестивал.

Поврзани вести

Back to top button