Еден од филмовите што оваа есен привлече внимание во светот на кинематографијата и човековите права е „Being Heumann“, биографска драма на оскаровката Сијан Хедер, посветена на животот и борбата на Џуди Хјуман – една од највлијателните личности во движењето за правата на лицата со попреченост.
Филмот, кој беше претставен на Филмскиот фестивал во Торонто, повторно ја отвори дебатата за видливоста, пристапноста и еднаквите можности за лицата со попреченост. Преку приказната за една жена која одби да прифати дека нејзините права се помалку вредни од правата на другите, „Being Heumann“ потсетува на борбата што стои зад многу слободи и стандарди кои денес често се земаат здраво за готово.
Во центарот на приказната е Џуди Хјуман, активистка која често е нарекувана „мајка на движењето за правата на лицата со попреченост“ во САД. Филмот се фокусира на историскиот протест од 1977 година, кога Хјуман и група активисти окупирале федерална зграда во Сан Франциско барајќи од американските власти конечно да ги спроведат законските одредби што требало да ги заштитат лицата со попреченост од дискриминација.
Протестот траел 26 дена и останува најдолгата ненасилна окупација на федерална зграда во американската историја. Притисокот што го создадоа активистите доведе до спроведување на членот 504 од Законот за рехабилитација од 1973 година, кој претставуваше пресвртница во заштитата на граѓанските права на лицата со попреченост.
Во улогата на Џуди Хјуман настапува британската актерка Рут Медли, која и самата има физичка попреченост. Покрај неа, во филмот игра и Марк Рафало, кој го толкува тогашниот американски секретар за здравство, образование и социјална заштита Џозеф Калифано.
Една од особеностите на продукцијата е тоа што голем дел од актерската екипа ја сочинуваат актери со попреченост. Авторите на филмот нагласуваат дека целта била не само да се раскаже автентична приказна, туку и самото создавање на филмот да биде пример за инклузивен пристап во индустрија која долго време беше критикувана поради недоволната застапеност на лицата со попреченост.
Режисерката Сијан Хедер, која светска слава стекна со „CODA“, изјави дека Џуди Хјуман е личност за која пошироката јавност треба многу повеќе да знае. Според неа, животната мисија на активистката била „невидливите луѓе да станат видливи“, а токму таа идеја е вткаена во целиот филм.
Покрај политичката и активистичката димензија, „Being Heumann“ се обидува да ја прикаже и личноста зад симболот. Актерката Рут Медли посочи дека било важно публиката да ја види Хјуман не само како борец за права, туку и како човек со смисла за хумор, енергија и силна желба за живот.
Критиките по фестивалските проекции беа различни. Дел од критичарите го пофалија филмот како важен потсетник на една пресвртна борба за граѓански права и како пример за поавтентично претставување на лицата со попреченост на филмското платно. Други сметаат дека приказната можела да биде подлабоко разработена од драматуршки аспект. Сепак, постои поширока согласност дека филмот отвора важни прашања за еднаквоста и инклузијата.
Филмот пристигнува во период кога прашањата за правата и интеграцијата на лицата со попреченост повторно се во фокусот на американската јавност. Само неколку недели по премиерата, одлуката на администрацијата на Доналд Трамп да поддржи отстранување на дел од федералните регулаторни гаранции за интеграција на лицата со попреченост предизвика загриженост кај организациите за човекови права. Иако основните законски заштити остануваат во сила, активистите предупредуваат дека нивното практично спроведување може да биде ослабено.
Администрацијата на Трамп ги ослабува гаранциите за лицата со попреченост
Речиси пет децении по настаните што ги прикажува, приказната за Џуди Хјуман останува актуелна. Многу права кои денес се сметаат за нормални – од пристапни јавни објекти и транспорт до еднаков пристап до образованието и јавните услуги – се резултат на долгогодишна борба на луѓе кои одбиле да останат невидливи. Токму затоа „Being Heumann“ не е само филм за минатото, туку и потсетник дека борбата за целосна инклузија сè уште продолжува.
Ј. Ѓорѓиоски










