ВЕСТИИМПУЛСМАКЕДОНИЈАПОЛИТИКАРЕПУБЛИКА
Во тренд

Возачот на Игор Јанушев барал 1.500 евра поткуп за да вработи пожарникар, заврши во притвор

Возач на висок владин функционер, вработен во Службата за општи и заеднички работи на Владата, заработи 30-дневен притвор откако бил фатен на дело како прима поткуп, соопшти Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Случајот, кој според СДСМ е директно поврзан со возачот на генералниот секретар на Владата Игор Јанушев, предизвика остри политички реакции и обвинувања.

Според официјалните информации од Обвинителството, истражната постапка за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“ е иницирана по пријава на граѓанин. Од ОЈО ГОКК информираат дека осомничениот, во периодот од 24 јули до 4 септември годинава, побарал 1.500 евра за да го искористи своето претпоставено влијание, ветувајќи му на оштетениот дека ќе посредува кај службени лица во Град Скопје за вработување по распишан оглас за прием на пожарникари. Осомничениот бил затекнат на 4 септември при примопредавање на 500 евра кои биле претходно обележани, по што судија на претходна постапка му одредил притвор поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и повторување на делото.

По обелоденувањето на акцијата, со реакција се огласија од опозициската СДСМ, категорично тврдејќи дека приведениот е возач токму на генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев. Од партијата преку писмено соопштение обвинија дека актуелната власт функционира како „организирана криминална група“, посочувајќи дека овој скандал докажува оти мито земаат дури и владините возачи. Од СДСМ изразија сомнеж во институциите и јавно прашаа каква била улогата на Јанушев во овој случај и дали возачот бил само негова продолжена рака и посредник.

На обвинувањата од СДСМ возвратија од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека токму брзото апсење на вработениот е доказ за неселективната борба против криминалот и функционирањето на правната држава. Преку соопштение од партискиот Центар за комуникации истакнаа дека лицето кое се обидело да земе мито било веднаш процесуирано од МВР и приведено со обележани пари, обвинувајќи дека во времето на СДСМ ваквите случаи се прикривале, а поткупот завршувал кај партиските челници. Според ВМРО-ДПМНЕ, хистеричната реакција на опозицијата покажува дека лидерот Венко Филипче продолжува да брани криминал бидејќи тешко прифаќа оти законите сега важат подеднакво за сите и дека актуелната Влада неселективно санкционира секаква незаконитост.

Ј. Ѓ.

Back to top button