АРТВЕСТИ

Шведскиот филм „Те молам“ триумфираше на седмото издание на „Флипбук Филм Фестивал“

Најдобрите анимирани остварувања беа наградени на седмото издание на „Флипбук Филм Фестивал“, кое годинава се одржа од 3 до 9 август во Скопје. На настанот беа прикажани филмови во повеќе категории, вклучувајќи ги главната, студентската, анидок-селекцијата, анимираните музички видеа, како и новата „BoomBar“ програма за млада публика.

Гран при наградата за најдобар анимиран филм во главната селекција ѝ припадна на шведската режисерка Ана Манцарис за филмот „Те молам“ („Please“), кој претставува копродукција меѓу Шведска, Франција, Чешка, Норвешка и Финска. Стручното жири ја издвои оваа извонредно изведена стоп-анимација поради нејзината способност преку нежност и црн хумор да ги претвори ранливоста и осаменоста во длабоко човечко искуство. Во истата категорија, специјално признание доби црногорскиот филм „Урош“ на Мато Уљаревиќ.

Во студентската конкуренција, Гран при наградата ја освои српскиот филм „Лебдење“ („Floating“) на Јелена Милуновиќ, кој преку визуелна метафора ги обработува темите на менталното здравје и односот меѓу татко и ќерка. Специјалното признание во оваа селекција отиде кај британскиот филм „Основа и потка“. Детското жири, пак, во новата „BoomBar“ програма главната награда му ја додели на полско-британскиот филм „Цитрусниот киклоп“.

Главната награда во конкуренцијата за анимиран документарен филм (анидок) му беше доделена на полскиот филм „Мојата полска коса“ на Михалина Мусиалик. Во конкуренцијата на анимирани музички видеа победи италијанскиот проект „Семафори“ на Неспи 5еуро, додека специјално признание доби македонското видео „Танц на тенок мраз“ на авторот Ѓорѓе Јовановиќ.

Наградата за најдобар филм со еколошка порака, традиционално доделена од организацијата Еко-свест, ја доби хрватскиот филм „Последната сламка“. Седмото издание на фестивалот беше поддржано од Агенцијата за филм, Градот Скопје, Еко-свест и Кинотеката на Македонија.

Поврзани вести

Back to top button