Мадона и Тејлор Свифт беа најголемите победнички на синоќешното доделување на музичките награди MTV VMA 2026 во Лос Анџелес, на церемонија во која целосно доминираа женските изведувачи.
Мадона влезе во вечерта како најноминиран артист со 13 номинации, а освои дури седум, вклучувајќи ги и наградите за изведувач на годината, најдобра танцова песна и најдобра соработка со Сабрина Карпентер. Шеесет и осумгодишната поп-икона ја отвори манифестацијата во Peacock театарот со нејзиниот прв VMA настап по 23 години. Таа изведе песни од новиот албум „Confessions II“ заедно со Карпентер, Чарли Екс-Си-Екс (Charli xcx) и актерката Џулија Гарнер. Примајќи ја главната награда, таа потсети на нејзиниот култен настап пред 43 години и им порача на младите да веруваат во себе и да ја прават музиката што ја сакаат.
Тејлор Свифт ја однесе најпрестижната награда за видео на годината за „The Fate of Ophelia“, како и инаугуративната награда за артист-режисер, зацврстувајќи го нејзиниот статус како најнаградуван соло изведувач и режисер во историјата на шоуто. Таа ја искористи можноста да го премиерно да го прикаже нејзиниот нов спот за песната „Patient Zero“ во кој глумат Дакота Џонсон и Колин Фарел. Свифт својата главна награда ѝ ја посвети на кантри-легендата Доли Партон, која почина минатиот месец на 80-годишна возраст, нарекувајќи ја „ултимативната шоу-девојка“.
Во чест на Доли Партон, настапи Кејси Масгрејвс со емотивна изведба, додека група изведувачи составена од Sombr, Raye, Teddy Swims и Адам Ламберт му оддадоа почит на Џорџ Мајкл на десетгодишнината од неговата смрт.
Настанот го водеше Снуп Дог, а меѓу останатите победници кои го одбележаа телевизискиот пренос беа К-поп ѕвездата Лиса со најдобра поп песна за „Dream“ и британската дебитантка Сиена Спиро, која беше прогласена за најдобар нов изведувач. Престижната награда за животно дело „Мајкл Џексон Video Vanguard“ ѝ припадна на гранџ-групата Нирвана. Признанието го прими басистот Крист Новоселиќ во име на Дејв Грол и Пет Смир, истакнувајќи дека Курт Кобејн би ја сакал оваа оставштина бидејќи луѓето сè уште се гладни за автентичност.
Во категориите кои не беа емитувани во живо, јужнокорејската група БТС (BTS) освои награди за најдобра група, најдобар К-поп и песна на годината за хитот „Swim“. Бруно Марс триумфираше во R&B категоријата, Карди Би и Келани за најдобра хип-хоп песна, Бед Бани во латино категоријата, Оливија Родриго за алтернативна музика, додека Ела Ленгли ја зеде наградата за најдобра кантри песна за „Choosin’ Texas“.


