ВЕСТИСКОПЈЕ

Водата во Скопје е безбедна, Ѓорѓиевски и ЈП Водовод најавија пријави до МВР за ширење паника

ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје најостро ги демантира информациите за наводно присуство на бактеријата Escherichia coli (ешерихија коли) во водата за пиење во главниот град. Од претпријатието уверуваат дека водата е целосно безбедна и исправна, а против субјектите кои шират лажни вести и паника ќе бидат поднесени пријави до Министерството за внатрешни работи (МВР).

Во реакцијата објавена на Фејсбук се потенцира дека, покрај редовните секојдневни контроли, направени се и дополнителни вонредни анализи. Во примерокот анализиран со брза PCR техника во текот на вчерашниот ден (11 август 2026 година), не е детектирано присуство на геномски копии од колиформи бактерии, Escherichia coli, ниту од Pseudomonas aeruginosa.

Од скопскиот водовод нагласуваат дека водата ги задоволува сите пропишани критериуми од Правилникот за безбедност и квалитет („Службен весник на РМ“, бр. 183/18). Квалитетот континуирано се следи преку мониторинг и лабораториски испитувања во акредитирани лаборатории согласно стандардот ISO 17025.

„Дополнителните испитувања се спроведени со цел уште еднаш да се потврди безбедноста и исправноста на водата за пиење и да се отстранат сите сомнежи предизвикани од неточните информации што се шират во јавноста. ЈП ‘Водовод и канализација – Скопје’ ги повикува граѓаните да не подлегнуваат на непроверени информации и шпекулации кои можат да предизвикаат непотребна загриженост“, се наведува во соопштението во кое уште еднаш се гарантира апсолутната исправност на водата.

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска изјави дека водата од градскиот водовод ја пијат тој и неговото семејство, и потенцира дека ако имало некаков проблем, прв ќе ја информирал јавноста за тоа. Посочи дека лабораторијата на „Водовод и канализација“ секој ден прави по 36 анализи на водата, па им порача на скопјани да бидат спокојни бидејќи пијат безбедна вода во која нема ешерихија коли или каква било друга бактерија. Потоа, побара чаша вода наполнета од чешма и ја испи пред камерите

„Откако вчера при мое обраќање на социјалните мрежи го разбив тој меур од сапуница што поединци сакаа да го создадат, а доаѓа од одредени центри на опозицијата, следно што требаше да се направи е да се шири паника во јавноста. Затоа денеска шират по групи, особено по групи во претшколска возраст, по градинките, каде се наоѓаат родители на деца, во групи во основните училишта, како и во останати фејсбук-групи, информации дека некоја госпоѓа дознала од пријателката дека имало вакви-такви направени анализи и дека е присутна бактерија. Некаде спомнуваат ешерихија коли“, рече Ѓорѓиевски.

Тој потенцира дека одговорно тврди оти скопјани пијат од една од петте најдобри води и извори во Европа и додаде дека тој не е монструм што ќе дозволи макар еден живот на неговите сограѓани да биде загрозен.

Поврзани вести

Back to top button